Денеска, во Струга, во рамки на Преспа Форумот за дијалог, во организација на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски беше домаќин на панел сесија „Управување со миграциите на релација ЕУ - Западен Балкан: солидарност и споделени обврски”, на која специјален гостин беше директорката на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Ејми Поуп, а свое учество како говорници земаа министерот без ресор на Црна Гора, Зоран Миљаниќ, министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, Јоханес Вагнер, директорот на МАРРИ, Сашко Коцев, началник на Оддел во Генерален директорат за миграции и внатрешни работи на Европската Унија, Павел Бусиакиевич, национален грасрут организатор на најголемото ромско движење во Северна Македонија, Аваја, Селвије Мустафи.
Во своето воведно обраќање пред присутните, министерот Спасовски осврнувајќи се на западно-балканската миграциска рута во која припаѓа и Република Северна Македонија, рече:
„За Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија од суштинска важност беше потпишувањето на Договорот за статус помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за акции спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража, и се надевам дека во текот на наредниот период, заеднички ќе ги констатираме придобивките од потпишаниот договор и неговото значење за контрола на миграциските текови, обезбедувањето на надворешните граници на ЕУ и безбедноста на границите во регионот на Западен Балкан”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека клучна активност во управување со миграции е меѓународната соработка.
„Клучна активност на нашиот пат натаму во одржливото управување со миграциите во Западен Балкан претставува напредокот во реализирање на меѓународната прекугранична соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз. Само европски одговор, кој ќе ги вклучува и земјите кои географски и природно припаѓаат на Европа, искористувајќи го потенцијалот на легалната миграција и намалувајќи ја илегалната миграција, осигурувајќи безбедни и контролирани граници, но и хуман и ефективен пристап”, нагласи министерот Спасовски на крајот од своето обраќање. Притоа, тој ја изрази благодарноста на министрите и претставниците на меѓународни и регионални организации за присуството, како и за посветеноста во управувањето со миграциите.
Изразувајќи ја честа да присуствува како специјален гостин на сесијата „Управување со миграцијата на релација ЕУ-Западен Балкан: солидарност и споделени обврски“, директорката на ИОМ, Ејми Поуп, истакна:
„Миграцијата е извор на просперитет, иновации и одржлив развој. ИОМ ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан во промовирање сеопфатни, одржливи и ориентирани кон решенија пристапи за ефикасно управување со миграцијата и искористување на нејзиниот развоен потенцијал”, рече директорката Поуп.
Министерот без ресор на Црна Гора, Зоран Миљаниќ ги потврди заложбите за зајакнување на капацитетите на државните граници. Притоа, тој рече: „Ја бараме поддршката на ЕУ во областите на миграција и азил. Ги зајакнуваме капацитетите на државните граници”.
Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ, упати порака пред присутните на сесијата: „Прашањето со миграција е во заедничката одговорност на сите земји од Западен Балкан и земјите од Европската Унија. Тоа нè води кон континуирана надградба на веќе постоечката соработка и солидарност, а сè со цел навремен одговор на потенцијално нови миграциски притисоци”, порача министерот Нешиќ.
Австрискиот амбасадор Јоханес Ајгнер ја истакна исклучителната важност од регионална соработка како придонес во справување со миграциите. „Земјите од Западен Балкан ја имаат целосната поддршка во однос на приоретизирање на секојдневното справување со миграциите”, истакна амбасадорот Ајгнер.
Од страна на директорот на МАРРИ, Сашко Коцев, беше потенцирана потребата од регионална соработка во делот на управување со миграции.
„Ниту еден од Западен Балкан не може сам да одговори на миграциските предизвици, поради што регионалната соработка и соработката со меѓународните партнери се од суштинско значење за понатамошен развој. Време е регионот да направи решавачки исчекор во операционализацијата на обврските дадени од политичките лидери во регионот во делот на миграцијата. Под ова мислам на декларации преточени во конкретни дејствија. Со усвојување регионален пристап и консолидирање на индивидуалните напори, Западен Балкан ќе ги надмине недостатоците и ќе постигне резултати”, истакна директорот Коцев.
Од страна на началникот на Оддел во Генерален директорат за миграции и внатрешни работи на Европската Унија, Павел Бусиакиевич, беше истакнато дека соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан во делот на миграцијата е од големо значење, а Акцискиот План веќе дава резултати. Тој, како и претходните говорници, се согласи дека нема држава членка на ЕУ која може сама да се справи со предизвиците на миграцијата.
„Солидарноста и партнерството се нужни кога станува збор за миграцијата. Потребна е зајакната соработка во миграциските политики, конкретно во делот на азилот, криумчарење мигранти и граничното управување”, нагласи началникот Бусиакиевич.
Националниот грасрут организатор на најголемото ромско движење во Република Северна Македонија, Аваја, Селвије Мустафи, порача: „Ние сме потенцијалот кој треба да ја обликува иднината на нашата земја”.