Комерцијалниот суд во Лондон донесе одлука во корист на Македонија во спорот со ТАРБС

Комерцијалниот суд во Лондон донесе одлука во корист на Македонија во спорот со ТАРБС Европа CA, која ги повлече сите тужби против Република Македонија, Владата и Министерството за транспорт и врски и се согласи да ги исплати трошоците за постапката за одбрана на тужбата.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески денеска на прес-конференција појасни оти тужбата е повлечена на 14 мај, еден ден пред почетокот на судењето во Комерцијалниoт суд, а Министерството за транспорт ја добило судската одлука за повлекувањето на тужбата пред два дена. 

- Има судска одлука дека повеќе нема спор во Судот во Лондон, бидејќи нашите адвокати заедно со домашниот стручен тим имаа одлична одбрана, ги доставивме сите релевантни докази и претпоставуваме дека  кога ја виделе  одбрана и сите факти што ги докажавме оцениле оти нема  потреба да се води судскиот спор и целосно го повлекоа тужбеното  барање кон Владата и Министерството за транспорт и врски, рече Јанакеиски.

Судот, додаде,  донел одлука во која констатира  дека ТАРБС Европа се повлекува целосно  од тужбеното побарување и носи наредба  за исплата на трошоците бидејќи на некој начин е губитник во судскиот прцес.

Судските постапки ТАРБС Европа CA ги почна во 2009 година барајќи сума поголема од 70 милиони евра за наводни прекршувања на договорот за соработка за обезбедување одредени услуги за сателитско емитување.

Јанакиески  истакна дека од самиот почеток Министерството за транспорт одрекувало каква било одговорност за што ја ангажираше aдвокатската компанија Херберт & Смит за одбрана во постапката. - Целосното повлекување на тужбата од страна на ТАРБС против Министерството и нивната согласност да ги исплатат трошоците за постапката целосно ја оправдува позицијата на Министерството за транспорт за време на судската постапка, рече Јанакиески, појаснувајќи дека тужбеното барање го оспориле затоа што било без правна основа, а ја оспориле и висината на тужбеното барање.  Од ова, посочи Јанакиески, јасно произлегува дека  не можеше да стане збор за никакво признавање на вина, а уште помалку за подготвеност за плаќање отштета.

Според министерот за транспорт, ТАРБС биле жестоко критикувани за своето  однесување на судската постапка. Судот, како што рече, смета дека случајот е одличен пример за во голем степен преувеличена тужба, изнесена шпекулативно и без како било реално верување во нејзината веродостојност и следствено, претставува злоупотреба на судскиот процес. Судот утврди силни докази за измама и фабрикации од страна на ТАРБС и дека случајот од нивна страна бил воден не само агресивно, туку и нечесно, рече Јанакиески.

Како последица на тие наоди Англискиот суд одлучил да издаде налог за казнени трошоци против ТАРБС, што ќе му овозможело на Министерството за транспорт да си ги поврати трошоците за одбраната на тужбата.  

- Ваквиот исход од постапката, јасно укажува дека Министерството за транспорт и врски, совесно, одговорно и стручно го извршило својот дел од обврските поврзани со заштитата на државниот интерс во одбраната на овој предмет, наведе министерот Јанакиески.

Тој појасни дека во изминатиот период Министерството за транспорт и врски било затворено за изнесување детали за спорот, затоа што уште не била отворена јавната усна расправа пред Судот. Дури со отворањето на усната расправа информациите кои се изнесуваат пред Судот стануваат јавни и странките можат непречено да ги пласираат во јавноста, без притоа да ја загрозат својата позиција во постапката.