Министерот Попоски се сретна со извршниот директор на Комитетот за економски односи на Германија, Линднер

Министерот за надворешни работи Никола Попоски денеска се сретна со директорот на Комитетот за економски односи на Сојузна Република Германија, Рајнер Линднер.

На средбата, како што соопшти МНР, е разговарано за интензивирање на билатералните економски односи меѓу Македонија и СР Германија, со конкретни активности и проекти. Линднер најавил дека за наредната година е планирано одржување на Бизнис форум, на кој ќе учествуваат компании од двете земји.

Линднер ја нагласил и поддршката на германскиот бизнис на курсот на Република Македонија кон целосна интеграција во евроатлантските структури. Тој го поздравил и позитивниот ефект од визната либерализација, која има значајна улога во олеснувањето на комуникацијата меѓу бизнис заедниците од двете земји.

Министерот Попоски ја нагласил добрата економска соработка меѓу двете земји, потенцирајќи дека Германија е еден од најважните трговски партнери на Македонија и оти го зазема првото место во 2011 година.

Шефот на македонската дипломатија на средбата информирал за поволната бизнис клима и поволностите кои ги нуди Република Македонија на странските инвеститори и ги повикал германските компании да ги искористат тие компаративни предности за ширење на својот бизнис. Попоски истакнал дека Македонија се вброи во топ трите реформатори во светот, согласно реномираниот „Doing Business” - Извештај на Светска Банка за 2012 година.