Премиерот Никола Груевски ќе се сретне со претседателот на Парламентот на Кралството Шведска, Пер Вестерберг

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, кој што го предводи владиниот тим во чиј состав се заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Христијан Делев, денеска (вторник, 5 јуни 2012 година) во Стокхолм ќе оствари средба со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, г-дин Пер Вестерберг.

Потоа, владиниот тим заминува за Република Финска каде што вечер во Хелсинки ќе присуствува на вечерата што во чест на македонската делегација ја приредува амбасадорот на Канада во Република Финска, г-дин Кристофер Шапраданов, кој што по потекло е Македонец, додека за утре е предвидена средба со претседателот на Република Финска, г-дин Саули Ниинисто, како и одржување на бизнис форум пред заинтересирани фински компании.

Вчера во Стокхолм претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски и членовите на владиниот тим остварија средба со шведскиот премиер, г-дин Фредрик Рајнфилд, со министерот за трговија, г-ѓа Ева Бјорлин,  со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет, г-дин Улф Берг, со градоначалникот на Стокхолм, г-ѓа Маргарета Бјорк, а исто така се одржа и бизнис форум пред шеесетина шведски компании, како и неколку директни средби со заинтересирани инвеститори од оваа скандинавска земја.