Во Мала станица отворена изложба на светски новински фотографии

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска вечерва во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица официјално ја отври изложбата World Press Photo Exhibition 2012, репрезентативна патувачка изложба на светската новинска фотографија.

На изложбата која е во организација на Македонскиот центар за фотографија изложени се 160 фотографии во сите категории, на најголемите репортери и фотографи на денешнината.

- Овој настан е голема потврда на максимата дека уметноста е најсигурното средство со кое човекот се издвојува од светот... но, и навистина, соединува со него. Преку оваа престижна изложба која промовира високи професионални стандарди, нашиот главен град од денеска станува дел од листата на 100-те метрополи во светот кои  на љубителите на фотографијата им ја презентираат другата страна на приказната, на вистината за големите и значајни настани кои ја одбележаат изминатата, 2011 година, порача Канческа Милевска во поздравниот говор на отворањето.

Овие 170 фотографии пред нас, нагласи, се сведоци на судбината на милиони луѓе, на нивните животни радости, на нивната тага, на суровата игра на природата но, и на   убавините на планетата Земја. Пред нас е илустрирана лиричноста на моментот но, и бруталноста на воените сцени, пред нас отворено и искрено зборуваат новинарите и фотографите.

- Фотографскиот медиум долго време во светот беше оспоруван како уметност поради суровото прикажување на реалноста, но фотографиите всушност се хроничари на времето, на настаните, тие се потсетници на нашето блиско и далечно минато.. Фотографијата секогаш ни нуди една вистинска  палета на расположенија, таа го замрзнува мигот од кој започнува нашата потрага, нашиот дијалог со времето, посочи Канческа Милевска.