Можностите за инвестирање во Македонија претставени пред норевешки бизнисмени во Осло

Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски, денеска (петок, 8 јуни 2012 година) во Осло присуствуваше на бизнис форум во ко-организација со Стопанската комора на Осло, на кој беа претставени економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред околу педесетина норвешки компании. 

Премиерот Никола Груевски на почетокот од форумот изрази задоволство од неговото одржување, чија цел е да се продлабочи економската соработка меѓу Кралството Норвешка и Република Македонија.

- Да се видат одблизу успесите на земјата со највисокиот индекс на човековиот развој во светот, односно најдобрата комбинација на животен стандард, образование и очекуван животен век, потоа, второ рангираната земја на светот според бруто домашниот производ по жител и една од десетте најдобро рангирани земји од аспект на водењето бизнис во 2012 година, навистина предизвикува нескриена восхит и огромна почит за трудољубивоста и посветеноста на Вашиот народ. Многу други земји имаат богати наоѓалишта на природни ресурси, но Кралството Норвешка му покажа на светот дека е потребна мудрост и визија за да се искористат истите за доброто на сопствените граѓани. Оттука, воопшто не изненадува оценката на многу реномирани експерти дека всушност станува збор за една од најстабилните функционални пазарни економии во светот, истакна на почетокот премиерот Груевски.

Тој напомена дека ако се имаат во предвид економските потенцијали и одличните пријателски односи на двете земји, постои убеденост дека постојат огромни неискористени можности за трговска и инвестициска соработка. Токму овој форум е вистинскиот чекор во насока на нивно идентификување, со потенцирање на сеопфатните и темелни реформи на бизнис окружувањето, кои ги спроведува Владата на Република Македонија, истакна премиерот.

Во таа насока премиерот Груевски потенцираше дека преку овој бизнис форум целта е да се презентираат потенцијалите на Република Македонија, мала, но брзорастечка европска економија, која неодамна се вброи во трите најреформски ориентирани земји во светот, според „Doing Business“ извештајот на Светската банка. Македонија сега се наоѓа на дваесет и втората позиција и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

-Македонската економија, повеќе години, во континуитет, се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,5% во изминатава деценија. Македонија е мала, но отворена економија, која преку потпишаните договори за слободна трговија со Европската унија и земјите од ЕФТА и Југоисточна Европа (ЦЕФТА), како и со Турција и Украина, сега е дел од големиот европски пазар, со пристап до 660 милиони потрошувачи. Во делот на јавните финансии се спроведува политика на низок буџетски дефицит и претпазливо задолжување, при што владиниот долг на крајот на март 2012 година изнесуваше 26% од бруто домашниот производ, истакна премиерот Груевски.

Тој ги информираше присутните инвеститори и за реформите во даночната сфера, при што напомена дека е воведон низок и рамен данок од 10% за персоналниот доход и за добивката, потоа дека целосно е ослободена од оданочување задржаната добивка, како и дека постепено се намалуваат социјалните придонеси за една третина.

Премиерот Груевски истакна дека ако се има во предвид дека динамичниот економски растеж во глобализираниот свет силно зависи од квалификациската структура на работната сила, повеќе години наназад, Македонија силно инвестира во човечкиот капитал, при што не само што буџетските трошоци за образование се зголемени на ниво од 6% од бруто домашниот производ, туку и драстично се подобри пристапот до високото образование, особено до математичките, техничките и информатичките науки.

Врз основа на подобрената бизнис клима и активностите за промоција на Република Македонија како бизнис дестинација, Македонија успеа да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, а воедно основани се уште три технолошко-индустриски развојни зони од кои едната во Штип, Тетово и уште една во Скопје. Во овие технолошко-индустриски развојни зони се нудат низа поволности за инвеститорите, потенцираше премиерот.

Тој истакна дека највисок приоритет на Република Македонија, на политички и на економски план останува довршувањето на процесот на зачленување во НАТО и Европската унија.

-Една норвешка поговорка вели дека: „само оние кои трагаат, наоѓаат нови патишта и начини“. Силно верувам дека денешната средба ќе помогне во информирањето на потенцијалните инвеститори и трговски партнери за економските политики и можностите за инвестирање во Република Македонија и во исто време ги повикувам норвешките бизнисмени да ја посетат Република Македонија и да ги искористат нејзините компаративни предности, истакна на крај од своето обраќање премиерот Груевски. 

Пред присутните се обрати и вицепремиерот Пешевски кој ги претстави клучните економски политики и мерки кои што Владата ги превзема за создавање атрактивен инвестициски амбиент, како и конкретните области со потенцијали за развој кои би биле интересни за норвешките инвеститори.

Свои презентации пред заинтересирани инвеститори имаа и министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Христијан Делев.

Овој форум е последниот од низата на кои владиниот тим предводен од премиерот Груевски  ги претстави инвестициските потенцијали на Република Македонија пред заинтересираните компании за време на посетите во Шведска, Финска, Данска и Норвешка.