Сарачини: Енергетската состојба во Македонија е стабилна

Енергетската состојба во Република Македонија е стабилна, а Владата ги следи сите светски активности и трендови во енергетикатa, изјави денеска министерот за економија Ваљон Сарачини пред почетокот на свечената манифестација по повод јубилејот - 20 години од основањето на Здружението на енергетичарите на Македонија - ЗЕМАК.

- Моментално посоебен акцент ставаме на делот на обновливите извори на енергија поради дефинираните критериуми од Енергетската заедница до 2020 година 21 отсто во вкупната потрошувачка на енергијата да биде од обновливи извори. Очекувам дека тоа ќе го постигнеме, а се надевам дека во наредниот период ќе го зголемиме капацитет од моменталните 10 на 20 мегавати се со цел да можеме да привлечеме што е можно повеќе инвеститори во делот на обновливите извори на енергија, рече Сарачини.

Нагласи дека има многу инвеститори кои се заинтересирани за инвестирање, особено во делот на изградба на фотоволтаични централи, биомасата, биогасот,...

- Досега се изградени пет мали хидроелектрани, а до крајот на годинава ќе бидат 10. Следната  година на тендер ќе бидат објавени дополнителни 24 локации за мали хидроелектрани. Наскоро треба да почне со работа хидроелектраната Света Петка, да се избере изведувач за Бошков мост, очекуваме финален одговор  од компаниите за Чебрен и Галиште, а завршивме и со предфизибилити студијата за Вардарска долина, додаде Сарачини.

Претседателот на ЗЕМАК Ристо Јаневски, кој воедно е претставник на ОКТА, рече дека рафинеријата функционира нормално и без никакви проблеми. 

- Стабилноста на нафтениот пазар во Република Македонија е на сосема добро ниво. ОКТА располага со доволни количини да го снабди пазарот во Македонија, но и тие купувачи што ги има на косовскиот и на српскиот пазар, изјави Јаневски.