Свечена академија во чест на 8 Септември: Да се има сопствена независна држава е привилегија, обврска и одговорност

Вечерва, во пресрет и во чест на големиот државен празник 8 Септември – Денот на независноста, што годинава се одбележува под мотото „Гласник на слободата“, во Филхармонија на Република Северна Македонија се одржа Свечена академија „32 години независност“.

На Свечената академија се обратија претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, како и проф. д-р Искра Пановска - Димкова од Филолошкиот факултет„ Блаже Конески“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, раководителка на Катедрата за македонски јазик и проф. д-р Александар Литовски, од Институтот за национална историја. Во обраќањата на премиерот Ковачевски, како и на претставниците од науката, Пановска – Димкова и Литовски, беше истакнат стремежот за македонската државност уште од Илинден 1903 година, што се остарува со АСНОМ 1944 година и целосно се заокружува со референдумот на 8 Септември 1991 година, по којшто е прогласена независноста на државата.

- Пред 32 години, во 1991-та година, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас - глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. 32 години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, но во родната, македонска татковина. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одземе на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посочи на актуелниот контекст што оди во прилог на натамошниот напредок на државата: во време кога Република Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, со осигурани граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија којашто придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО и на патот кон Европската Унија; кога во Соединетите Американски Држави, септември 2023 година е прогласен за месец на македонската култура во САД; кога се одбележуваат денови на македонската култура во Шибеник – Хрватска, каде ги славиме културата и уметноста рамноправно со нашите партнери од ЕУ; во услови кога дипломатите учат македонски јазик пред да дојдат во земјава; кога на македонски јазик е веќе потпишан првиот договор со Европската комисија, договорот за ФРОНТЕКС; кога на македонски јазик веќе се преведува целото европско законодавство; кога од Европската Унија е финансиран преводот на 400-тини романи пишувани од европски автори – на македонски јазик. „Сето ова беше тотално незамисливо во првата, најкритична фаза по независноста на државата, во 1992 година, кога беше донесена Лисабонската декларација во којашто стоеше дека Европската заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не бидат содржани зборот Македонија и придавката македонски. Денес реалноста е сосема поинаква. Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта. И ова е, и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце“ констатираше премиерот Ковачевски.
 

Претседателот на Владата, Ковачевски ги нагласи перспективите што се отвораат за граѓаните со реализацијата на европската интеграција, како стратешка цел.

- Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие нам. Исто така, сите пораки од нашите стратешки партнери, од САД, од НАТО, од ЕУ се дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница. Ова за нас значи дека највисоките минимална и просечна плата и пензии што ги постигнавме - ќе бидат многу повисоки, според европски стандарди. Домашните претпријатија коишто имаат најголема државна поддршка досега - ќе добиваат многу поголема државна помош да се развиваат дома, но и да бидат конкурентни на европскиот пазар од половина милијарда луѓе. Странските инвестиции коишто се најголеми досега, ќе бидат уште побројни, затоа што инвеститорите сакаат безбедност и предвидлива клима за инвестирање. Тоа ќе стане можно и со функционалното право што е едно од првите поглавја што ќе ги отвориме веднаш по декември, за да ги усогласиме со европската регулатива и пракси. Европската поддршка за земјоделството, за капиталните инвестиции за модерни школи, амбуланти, патишта, во енергетиката, за еколошки чиста и здрава животна средина - ќе биде драстично поголема. Ова не се надежи. Ова се перспективи, базирани на факти“, додаде премиерот Ковачевски.

„Ако нешто научивме во овие 32 години, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка инклузија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети“, нагласи премиерот. Посочи дека „заедништвото, на кое што е поставена денешна Европа, на ова наше македонско тло било стратегија, водилка и сила уште пред да постои Европската Унија“, дека „заедништвото како европска вредност е во македонскиот код“, дека „тоа заедништво секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал“ и дека, како и секогаш „најдобриот начин да се справиме со предизвиците е да се соочиме и да ги решиме“.

- И затоа, да го послушаме гласот на 8 Септември - и да исчекориме напред! Јас работам и ќе работам, а повикувам и сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Бидејќи заедништвото со кое е постигната независна иднина на Републиката во 91-та година, го има и денес, во определба на граѓаните за европска иднина на нашата Република, повика премиерот Ковачевски.

Проф. д-р Александар Литовски посочи дека „самостојна држава ниту можеше да се создаде од ништо, ниту се создаде од ништо“ и дека “Борбата за создавање на македонска држава е вековна“, поради што значењето на 8 Септември 1991 година, во обраќањето го поврза со големото значење на 2 август од илинденскиот и асномскиот период. „Македонска држава како цел на македонската ослободителна борба е формулирана уште во Правилата на Македонскиот востанички комитет на Македонското (Кресненско) востание од 1878 г.“, дека „со решенијата на Првото заседание на АСНОМ од 2 август 1944 година, беа удрени темелите на современата македонска држава“, како и дека „гласот на слободата од 2 август 1944 година се слушнал и засилено се повторил на 8 септември 1991 и 8 април 1993 година, кога со Резолуција на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, Македонија била примена за рамноправен 181 член оваа организација.

- Може да се констатира дека и покрај многубројните политички и економски проблеми во развојот, и покрај исклучително неповолните меѓународни констелации, изразени пред се' во блокадите и атаците на соседните држави, прогласувањето на Република Македонија за самостојна држава во 1991 година означува највисоко, врвно достигање на македонската нација во процесот на нејзиниот државноправен развој и меѓународен статус, нагласи проф. д-р Литовски.

Проф. д-р Искра Пановска - Димкова рече дека „сè она што сме ние денес не можеме да го гледаме одделно од повеќевековниот континуитет во развојот на македонскиот јазик и македонската нација“, како и дека „независноста на државата во поглед на македонскиот јазик, значеше само една поголема одговорност за неговиот развој, грижа и афирмација“.

„Да се има сопствена независна држава е привилегија, сон на многу народи, но и обврска и многу поголема одговорност и на државата и на нејзините граѓани“, рече професорката Пановска – Димкова, посочувајќи на организираната грижа за македонскиот јазик што се придвижува со објавувањето на новиот Правопис на македонскиот јазик во 2015 г. и заокружувањето на шесттомното издание на Толковниот речник на македонскиот јазик (2014 г.), прогласувањето на 5 Мај за Ден на македонскиот јазик во 2019 г., првата верзија на новиот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик од 2020 г., прогласувањето на 2021 г. за Година на Блаже Конески како и годинешното влегување во собраниска процедура на преработениот предлог Закон за употребата на македонскиот јазик,, што се очекува да се усвои.

- „Јазикот најдобро можат да го чуваат и да го развиваат самите негови говорители, бидејќи без нивна заинтересираност, никакви решенија наметнати одозгора или понудени отстрана немаат изгледи за успех. Затоа е потребно ширење на општествената свест за важноста на јазикот и можностите кои тој ни ги дава“. Токму на ова треба да обрнеме особено внимание денес, кога сме свртени кон едно ново поглавје за нас и како држава и како јазик, а тоа е европската иднина на нашата земја, а со тоа и на македонскиот јазик како рамноправен член на европското семејство јазици“, порача проф. д-р Пановска - Димкова.

На Свечената академија беше читана македонска поезија, а имаше и музички перформанс со инструментален аранжман, на „Ода на радоста“ од Бетовен, специјално напишан за оваа пригода, во изведба на Камерниот оркестар на Битола.

На вечерашниот настан, што е дел од одбележувањето на утрешниот голем државен празник, 8 Септември – Ден на независноста, присуствуваа претставници на Владата на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, претставници од дипломатскиот кор, претставници на медиумите и други гости од општествено-политичката јавност во државата.