„Уште од првиот ден од доаѓањето на оваа Влада како еден од главните приоритети беше и сѐ уште е економското зајакнување, создавање на конкурентско окружување и поволна бизнис клима, а во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на настанот „МКЕкономија -Довербата расте” организиран од Кабинетот на вицепремиерот Фатмир Битиќи, наменет за 919-те компании корисници по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Во неговиот говор, премиерот Ковачевски рече дека овој наш императив се случува во услови на големата светска економско-енергетска и инфлациска криза, при што зацртавме дека мораме да носиме мерки сега и веднаш, за заштита на граѓаните од ценовниот шок и одржување на ликвидноста на компаниите, како и одржување на нивниот инвестициски циклус.
„Паралелно работиме на среден и долг рок во консултација со деловната заедница и сите засегнати страни, а во насока на подобрување на вкупниот деловен амбиент, зголемување на конкурентноста на приватниот сектор и создавање услови за повеќе домашни и странски инвестиции, како и повеќе вработувања. И во услови на криза, најважно е инвестициите да не застанат, а вие сите кои сте тука присутни тоа најдобро го знаете.
Во таа насока, Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите од неговото воведување до денес поддржа 919 компании со 100 милиони евра. За 6 години финансиската поддршка од државата кон домашните компании е зголемена за 11 пати. Од 3,2 милиони евра во 2018 до 35 милиони евра во 2023 година. Убеден сум дека дента кога ќе станеме дел од ЕУ, нашата држава и нашиот регион ќе бидат држава и регион со највисоки стапки на економски раст во однос на сите други сегашни земји членки на ЕУ. Во новото време на економија базирана на иновации и знаење, најдобрите практики се критично важни. Вашиот успех е огромна инвестиција за растот на државата. Затоа, ве уверувам дека можеме да успееме, и подобро, и повеќе и побрзо. За мене и за Владата вие сте наш сојузник, наш партнер, сите ние работиме за истата цел. Искрено ви честитам за успехот, искрено ви посакувам уште многу успеси, и заеднички да ги споделиме новите економско-социјални победи", рече Ковачевски.
Потпретседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи ја истакна неговата заложба како вицепремиер, но и претходно како советник на премиер, кон реструктуирање на нашата домашна економија.
На присутните претставници на компаниите, вицепремиерот Битиќи им порача дека сите имаме една заедничка карактеристика, а тоа е дека сите добро разбираме бројки.
„Низ бројки, ако до 2017 имавме нула поддржани домашни компании, денеска поддржуваме 919 домашни компании. На тој начин можам да кажам дека заложбите за негување на моторите кои ја движат нашата економија, вродуваат со плод. Тоа е достигнување кое нескромно го припишувам на овој потфат, бидејќи најмалку 12, а можеби и повеќе години претходно не се случуваше. Овој успех не го припишувам еднострано само на контото на институциите. Напротив, овој подвиг е 100% партнерски, и затоа ја користам приликата да ви се заблагодарам за вашата посветеност и истрајност. Вие, во нашата држава преку овој Закон инвестиравте половина милијарда евра. И тоа за мене е еден врвен патриотски чин. Заедно, придонесовме во реструктуирање на домашната економија, а вие добивате реална поддршка која е предвидлива и ги следи вашите развојни потреби. Затоа, овој реален заеднички успех ќе продолжи и понатаму, како влог во она што е наше, заедничко и ни значи на сите“, рече Битиќи.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, во неговиот говор истакна дека секоја инвестициска активност е од непроценливо значење за економскиот развој на земјава, и затоа овој Закон е донесен токму за таа цел, да ги поттикне компаниите да инвестираат, да станат конкурентни.
„Кога пред скоро пет години почнавме со изработка на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, се водевме со главната цел-домашните компании да имаат исти бенефиции и иста поддршка од државата како и странските компании. До 2017 година, кои компании ќе добијат финансиска поддршка за своите инвестиции, беше само на желба на тогашните функционери. Одлуките се носеа на затворени Владини седници, како класифицирани информации. Затоа решивме финансиската поддршка која што ќе ја добијат компаниите за своите инвестиции да се преточи во Законско решение со цел да се елиминираат сите ризици, да се отстрани можноста за преговарање во четири очи и да се овозможи еднаква шанса за сите компании кои ги исполнуваат условите на транспарентен начин да добијат финансиска поддршка од државата за направените инвестиции. Затоа денеска можеме да зборуваме за не една, две или три инвестиции кои ги поддржала државата, туку зборуваме за поддржани над 900 домашни компании кои реализирале инвестиции. Овој Закон го дизајниравме заедно со Стопанските комори со цел да имаме одржливо решение со кое сите инвеститори ќе имаат предвидливост за своите инвестиции. Ќе знаат точно колкава финансиска поддршка ќе добијат од државата и ќе можат да си го планираат својот раст“, рече Бектеши.
Инаку, Законот за финансиска поддршка на инвестициите е донесен во 2018 година. Со Владина поддршка за домашните компании од 2018 до 2023 година се поддржани 919 компании со 100 милиони евра.