Соединетите американски држави и во иднина ќе продолжат да го поддржуваат развојот на образовниот систем во Северна Македонија. Ќе се обезбеди контиунитет на финансиската и логистичката поддршка што и досега беше овозможена преку повеќе американски организации, а ќе се направат и напори за директно поврзување на образовните установи во двете земји.
Ова е заклучокот од средбата на министерот за образование и наука Јетон Шаќири и конгресменот Пит Сешнс што денеска се одржа во американскиот Конгрес во Вашингтон, каде министерот е во неколкудневна посета.
За време на средбата Шаќири го информираше Сешнс за актуелната состојба на образовниот систем во државата и за промените кои се случуваат, особено во делот на основното образование. Посочи дека фокусот е ставен на изработка на нови наставни програми и учебници, на подобрување на образовната инфраструктура и на подигнувањето на мотивацијата за работа кај наставниот и стручниот училишен кадар.
Американскиот конгресмен Сешнс изрази уверување дека ќе се заложи за поврзување на образовните установи во државата Тексас со училиштата и факултетите во Северна Македонија. Размената на искуства е важна особено за подобрување на квалитетот на наставата.
Средбата е дел од агендата на министерот Шаќири кој на покана на повеќе американски политичари е во посета на САД, каде покрај средбите со нив, предвидено е и предавање на реномиран американски универзитет.