Ковачевски: Со реконструкцијата на колекторскиот систем во Дојран и новата пречистителна станица, решаваме децениски проблем, обезбедуваме заштита на Дојранското езеро

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод почеток на санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран. На настанот присуствуваа и се обратија и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер, како и Анго Ангов, градоначалник на Општина Дојран.

Со проектот за санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран, системски се решава собирањето и пречистувањето на отпадните води во целата општина. Вредноста на проектот е 3,5 милиони евра, буџетски средства и донација од Словенија.

„За прв пат по повеќе од 40-тина години, оваа Влада вложува во рехабилитацијата на системот за отпадни води, овде во Дојран. Од изградбата на стариот колектор и неговото пуштање во употреба во 80-тите години, досега, тоа не било направено. Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро кое што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година“, истакна премиерот Ковачевски во неговото обраќање на настанот во Дојран.

Еден од врвните приоритети на Владата, како што нагласи премиерот, е заштита на животната средина насекаде низ нашата земја и при тоа додаде дека се вложува во капитални проекти со коишто животот на граѓаните се менува на подобро.

„Вложуваме во региони заборавени не со години, туку со децении. Само во делот на изградба, реконструкција или рехабилитација на водоводни и канализациони мрежи низ целата наша држава тековно за 2022 и 2023 година во фаза на реализација се над 48 проекти финансирани со сопствени буџетски средства и тоа директно од Буџетот или преку Програмата за води и Програмата за инвестиции во животната средина“, рече премиерот Ковачевски, набројувајќи ги тековните проекти кои се реализираат во државата.

Премиерот Ковачевски потенцира дека државава воспоставила регионална соработка со сите соседни држави во сите области на заштита на животната средина со цел усогласување на нашето законодавство со европското и подготовка за преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 27- животна средина и клима.

„Северна Македонија мора забрзано да чекори по европскиот пат напоредно со другите земји, кандидати за членство во ЕУ бидејќи тоа е единствената опција за нас“, подвлече премиерот Ковачевски.

„Ако се движиме кон ЕУ, треба и така да се однесуваме. Како Влада и како Министерство со 135 милиони денари ја поддржуваме Општина Дојран за реконструкција на колекторскиот систем за отпадни води и изградба на нова пречистителна станица со што ќе се заштитат водите и целиот еко-систем на Дојранското Езеро како уникатно заштитено подрачје и исклучително привлечна туристичка и транзитна дестинација“, истакна министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, додавајќи дека реализацијата на овој проект е добар пример на соработка на централната власт, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и Словенија како земја членка на ЕУ.

Амбасадорот на Република Словенија во земјава, Грегор Прескер изјави:

„Предложениот проект не е само од билатерално и национално значење, туку и меѓународно бидејќи Дојранското езеро е заштитено со Рамсарската конвенција за заштита на светските мочуришта, дел од иницијативата Балкански зелен појас и е важен елемент на миграцискиот пат за многу птици. Затоа решивме активно да го поддржиме овој проект бидејќи сакаме и идните генерации да уживаат во убавината на Дојранското езеро“.

Градоначалникот на Општина Дојран, Анго Ангов се заблагодари на Владата, како и на Амбасадата на Словенија за обезбедените средства за проектот.

„Изградбата на оваа нова станица и целосната реконструкција на колекторскиот систем ќе значи и конечно решавање на проблемот стар речиси четири децении. Кога станува збор за здравјето на граѓаните, за добросостојбата на нашиот бисер, Дојранското Езеро, како и за здравата и чиста средина – не постојат компромиси. Среќен сум затоа што сите ние заедно сме дел и испишуваме нова, здрава, еколошка и зелена иднина за нас и нашите деца“, истакна градоначалникот на Дојран, Ангов.


Обраќање на премиерот Димитар Ковачевски во Дојран

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска присуствуваше и се обрати на настан по повод почеток на санација и реконструкција на колекторски систем и отпочнување на постапка за изградба на нова пречистителна станица во Дојран. 

Во продолжение ви го пренесуваме интегрално обраќањето на премиерот Ковачевски:

„ Денеска сме во Дојран каде на мое големо задоволство отпочнува целосната санација и реконструкција на колекторскиот систем во Дојран и Дојранското езеро. Воедно, започнува и тендерска постапка за изградба на нова, модерна и софистицирана пречистителна станица. Со тоа, ќе се обезбеди и дополнителна и многу важна придобивка бидејќи за прв пат ќе се примени нова технологија со која ќе се избегне загадувањето на езерото.

Целиот проект чини  3,5 милиони евра од кои дел се директно од Владата, а дел од Министерството за животна средина и просторно планирање, а тука сакам да упатам голема благодарност до г-нот Прескер, амбасадорот на Словенија во нашата земја бидејќи дел од средствата за овој проект се обезбедени со донација и од Владата на Република Словенија и тука сакам лично да се заблагодарам и на премиерот и на претседателот на Словенија.

За прв пат по повеќе од 40-тина години, оваа Влада вложува во рехабилитацијата на системот за отпадни води, овде во Дојран. Од изградбата на стариот колектор и неговото пуштање во употреба во 80-тите години, досега, тоа не било направено.

Со серијата зафати кои ги предвидуваме, се очекува системско решавање на проблемот со собирање и пречистување на отпадните води од Стар и Нов Дојран и другите населени места во општината. На овој начин обезбедуваме максимална заштита на езерските води и на целокупниот еко систем на Дојранското Езеро кое што е законски заштитено подрачје како споменик на природата од 2011 година.

Еден од нашите врвни приоритети е заштита на животната средина насекаде низ нашата земја. Вложуваме во капитални проекти со коишто животот на граѓаните го менуваме на подобро. Вложуваме во региони заборавени не со години, туку со децении.

Таков е и случајот сега, кога покажуваме вистинска грижа за жителите на Дојран и за квалитетот на водата во Дојранското езеро, кое мора да го заштитиме и да го чуваме како уникатен природен дар.

Често велам, со напорна работа нема недостижна цел. Како што реализираме крупни капитални проекти во патната инфраструктура, паралелно спроведуваме и проекти од областа на животната средина.

Само во делот на изградба, реконструкција или рехабилитација на водоводни и канализациони мрежи низ целата наша држава тековно за 2022 и 2023 година во фаза на реализација се над 48 проекти финансирани со сопствени буџетски средства и тоа директно од Буџетот или преку Програмата  за води и Програмата за инвестиции во животната средина.

Да ги споменеме и големите капитални проекти за пречистување на отпадни води за поголемите градови во државата, односно за Скопје, Битола, Кичево и Тетово за кои се обезбедени финансии  од европските ИПА програми.

Во изминатиот период и покрај тоа што бевме соочени со светската економска и енергетска криза, успевме да имплементираме бројни проекти за водоснабдување и третман на отпадни води како и изградба на канализациони мрежи на територијата на целата држава. 

Дополнително обезбедивме и две кредитни линии за реализација на инфраструктурни проекти во износ од 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и рехабилитација на инфраструктурата за водоснабдување, собирање и третман на отпадни води за сите општини во државата и 55 милиони евра од Европска банка за обнова и развој за воспоставување на регионален систем за управување со отпад во сите пет плански региони.

Со цел усогласување на нашето законодавство со европското и подготовка за преговори за членство во ЕУ во Поглавјето 27- животна средина и клима воспоставивме регионална соработка со сите соседни држави во сите области на заштита на животната средина.
Северна Македонија мора забрзано да чекори по европскиот пат напоредно со другите земји, кандидати за членство во ЕУ бидејќи тоа е единствената опција за нас. 

Овде во Дојран најдобро се гледа разликата меѓу СДСМ, помеѓу коалиционите партнери кои се дел од оваа проевропска Влада и политичките партии од опозицијата кои за волја на вистината на локално ниво се доминантни и имаат над 50 општини кои ги управуваат. И се гледа разликата.

Ние имаме настани на кои што правиме големи инфраструктурни проекти, а тие имаат настани на кои единствено пуштаат музика и ништо друго. Тоа најдобро се гледа во општините во кои тука се наоѓаме во регионот и во Дојран и во Валандово и во Струмица и во Богданци каде што се работат инфраструктурни проекти кои 40 и 50 години никогаш не биле направени. А само погледнете во општините кои ги управува опозицијата во парламентот тогаш ќе видите дека таму нема ниту проекти ниту ништо, освен концерти.

Мора да покажеме дека сме подготвени да ги примениме сите европски стандарди во сите сфери на општеството бидејќи само така ќе донесеме и европски живот овде дома. 

Јас знам дека Дојран има и други предизвици, а тука пред се однесува на водоснабдителниот систем за Дојранското езеро за кој многу пати имаме разговарано со министерката за животна средина, со градоначалникот Ангов и на една од наредните седници ќе биде презентирана точка од страна на министерката за животна средина со која ќе биде отпочнато формирањето на ЈП за водоснабдителниот систем „Ѓавато“ коешто ќе управува со системот и кое ќе биде сместено тука во Дојран, каде што му е и место, каде ќе управуваат и општините Дојран, Богданци но секако и другите локални општини. 

Кога зборуваме за овој колекторски систем и за целиот овој водоснабдителен систем и пречистителен систем, не се работи само за 3.500 жители на Дојран, туку се работи за оние кои најголемиот дел од годината го поминуваат во Дојран, кои имаат свои куќи тука а живеалишта во други места, што веќе го прави Дојран над 5.000 жители кои се тука секојдневно и дополнително 20.000 туристи во текот на сезоната.

Она што јас можам да ветам е дека сите овие проекти ќе бидат реализирани и Дојранското езеро ќе биде повторно бисер на нашата држава и ќе биде едно од најдобрите туристички дестинации на Балканот. 

Ви благодарам “