Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска присуствуваше и се обрати на настан со кој се означи почетокот на изградбата на обиколницата на Тетово преку клучката Требош до Непроштено.
Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Џафери:
„Почитувани министри од кабинетот,
Почитуван директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми,
Почитуван градоначалник на Теарце,
Почитувани присутни,
Почитувани медиуми,
Драго ми е што денеска отпочнуваме со решение на еден горлив проблем не само за тетовци, туку и за целиот Полошки регион и пошироко. Со децении стоеше само како идеја изградбата на обиколницата околу Тетово, која создаваше невиден сообраќаен хаос за граѓаните од западниот дел на Северна Македонија и тешкотии во нивното секојдневно функционирање. Со обиколницата од улиците на централното градско подрачје ќе ги тргнеме камионите, тешките товарни возила, превозниците и транспортерите, односно ќе имаат можност да возат по современ и безбеден пат, а со тоа ќе ги заштитиме и граѓаните кои живеат во овој регион.
Обиколницата околу Тетово е голем проект кој ќе се протега од клучката „Требош“ до Непроштено. Средствата за овој проект се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта во износ од над 12,2 милиони евра.
Почитувани присутни,
Инвестирањето во патната инфраструктура е приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Реализираме рекордни инвестиции во патиштата. Започнавме со реализација на најголемата капитална инвестиција во историјата на нашата земја, изградбата на Коридорот 8 и Коридорот 10-д, европски коридори кои ќе не поврзат со исток и запад, со што Северна Македонија станува клучен транзитен центар.
Кога велам исток мислам на црното море, да не има недоразбирања во смисла на идеолошките поврзувања.
Со изградбата на овие два коридори, ги зајакнуваме врските со соседите, отвораме работни места, создаваме можности за нови бизниси, ги вклучуваме во работа и домашните компании и стимулираме економски раст и зголемување на трговската размена.
Северна Македонија го менува својот лик и станува уште подостапна за инвеститорите кои се повеќе ги препознаваат нашите можности и потенцијали.
Нема да дозволиме граѓаните да бидат изолирани и исклучени од цивилизација во сопствената држава. Наш приоритет е забрзан развој на Северна Македонија, отворање на нови пазари, нови инвестиции, европска иднина овде во нашата држава. Граѓаните го заслужуваат тоа и наша обврска е тоа да го исполниме.
Почитувани,
Само минатата година реализиравме околу 400 милиони евра во капитални проекти. Имено овие неколку години успеавме да изградиме и рехабилитираме преку 1.400 километри патна мрежа. Само во патната инфраструктура инвестираме преку 2 милијарди евра.
Го подигнавме квалитетот на патиштата низ земјава, а со тоа влијаеме и на квалитетот на животот на граѓаните.
Ние не бегаме од предизвиците - докажавме дека се соочуваме со нив. Нашата примарна цел е да создадеме модерна и безбедна патна инфраструктура, која ќе овозможи рамномерен развој на сите региони во државата и квалитетно ќе не поврзе со земјите од Европската Унија и соседите. Овие инвестиции ги реализираме за да создадеме услови за економски раст, олеснувајќи го транспортот на товар и патници и отворајќи нови можности за домашните компании.
Секој километар изграден пат во земјава е влог за сите нас, за идните генерации, за економски развој и просперитет на целата држава.
Ви благодарам на вниманието!“