Џафери: Влогот во образованието е влог за европска иднина на младите, за просперитет и напредок на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го посети Универзитетот во Тетово и во Ректоратот имаше средба со ректорот, проректорите и сенатот на Универзитетот. Потоа премиерот Џафери го посети и студентскиот дом во Тетово кој од ноември минатата година веќе е ставен во функција и во кој во оваа академска 2023/2024 година престојуваат околу 300 студенти.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Џафери:

„Почитуван министер за образование и наука, Јетон Шаќири,

Почитувани министри, пратеници,

Почитуван ректор на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели,

Почитуван претседател на Сенатот, Вулнет Амети,

Почитуван директор на Студентскиот дом во Тетово, Ајетали Дервиши,

Драги студенти,

Почитувани присутни,

Почитувани медиуми и вие драги граѓани,

Денеска сум тука, во посета на Универзитетот во Тетово, кој во изминатите 29 години докажа дека знае да создава стручни и образовани кадри, високо етаблирани во сите сегменти на општеството.

Но, државниот универзитет немаше да биде комплетен без заложбите на Владата за изградба на студентскиот дом, во кој од ноември минатата година престојуваат околу 300 студенти.

Студентскиот дом Тетово е најновиот студентски државен дом во нашата земја, и со него е остварена долгогодишна потреба на студентите кои студираат на Универзитетите во Тетово. Тоа е студентски дом кој ги исполнува сите современи стандарди за квалитет. Опремен e со нов инвентар и може да се каже дека овој студентски дом е најмодерниот во државата. Целиот проект чинеше 243.200.000 денари или речиси четири милиони евра.

Почитувани,

Тетово со овој студентски дом веќе има комплетен универзитетски кампус, а државниот универзитет може да понуди комплетна услуга за академските граѓани. Сигурен сум дека ќе привлече значително зголемен број на студенти во следниот период.

Создавањето на стручни и образовани кадри кои ќе се надградуваат овде, во нашата држава и своето знаење ќе го преточат во обезбедување позитивни промени тука во државата, е наш врвен приоритет.

Пред нешто повеќе од три години, Владата за првпат воведе субвенциониран оброк за студентите, како и нови категории на студентски стипендии. Студентски оброк добиваат околу 30.000 студенти, а студентски стипендии добиваат 6.500 студенти.

Студентите се опфатени и со новиот пакет антикризни мерки. Околу 11.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање добиваат ваучер за превоз, за што се предвидени околу 2 милиони евра од буџетот.

Подобрувањето на квалитетот на живот на студентите во земјава останува приоритет, и за тоа се обезбедени средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. На крајот на минатата година беше потпишан договорот за реновирање и реконструкција на сите студентски домови во државата, етапно, почнувајќи од Стив Наумов и Кузман Јосифовски Питу, а потоа и другите.

Почитувани,

Влогот во квалитетно образование е најдобрата инвестиција која што можеме да ја направиме за сите нас. Дали ќе имаме просперитет и напредок во државата зависи од тоа како ќе ги едуцираме младите во неа. Тие со својот придонес се нашиот основен капитал за раст и развој на државата. Нема да дозволиме тој наш капитал да се одлева надвор, преку границите. Државата сме сите ние заедно, и затоа, секој од нас треба да го даде својот максимум за просперитет, раст и развој дома. Сите заедно да бидеме креатори на позитивните промени во општеството.

Ви благодарам на вниманието!“