Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од денеска, 28-ми февруари, е во работна посета на Тирана, Република Албанија.
Во состав на владината делегацијата се и Бојан Маричиќ, прв заменик на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, како и Бујар Османи, министер за надворешни работи и Филип Николоски, заменик министер за финансии.
Премиерот Џафери ќе присуствува и ќе има обраќање на Регионалниот самит за развој на Западен Балкан, во чијшто фокус е Планот за раст на Западен Балкан усвоен од Европската комисија.
На Самитот ќе се разговара за унапредувањето на регионалната соработка и реализацијата на Заеднички регионален пазар како процес на постепено вклучување во Единствениот европски пазар. Претседателот на Владата, Џафери е предвидено да се обрати на Панелот „Вовед во единствениот пазар“.
На Регионалниот самит за развој на Западен Балкан во Тирана, којшто е продолжување на состанокот од минатиот месец во Скопје, се лидерите на државите од Западен Балкан, како и комесарот за соседска политика и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји.
За време на посетата на Тирана, премиерот Џафери, ќе се сретне и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, при што е предвидено да биде потпишана Заедничка Декларација на Република Северна Македонија и Украина за евроатлантските интеграции на Украина.