Ставрески: Исплатени 10 милиони евра субвенции за тутунот, денеска префрлени уште 4,5 милиони евра

Прилепските тутунари денеска ги подигнуваат средствата од исплатените субвенции за откупениот тутун од ланската реколта што од вчера се префрлени на нивна сметка.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој денеска заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски се увери дека исплатата тече без проблем, изјави дека вчера на тутунарите им се префрлени 10 милиони евра, а денеска уште 4,5 милиони евра.

- Со овие пари се заокружува исплатата на тутунот откупен преку трите најголеми фирми - Прилепскиот тутунски комбинат, Сокотаб од Битола и преку Алијанса од Кавадарци. Од понеделник ќе се префрлат уште околу пет милиони евра за откупениот тутун во Струмица Табак, Центротабак од Велес и во другите компании. Со ова тутунарите го добиваат она што им го вети Владата, изјави Ставревски.

Министерот за земјоделство истакна дека нема проблеми при исплатата на субвенциите и оти тие се добиваат во законскиот рок. Во Прилепско од вкупно 21 милион евра на име субвенции, треба да се исплатат околу 14 милиони.

- Задоволство ми е да нагласам дека исплатата на субвенциите непречено се  одвива со што се заокружува реколтата. Сега сме свртени кон новата реколта, рече Димовски.

Тој најави дека ќе се бараат решенија за проблемите што тутунарите ги имаа кога поради обилните дождови дел од родот беше уништен.

Според проценките на Сојузот на тутунски здруженија, поради недостигот од расад реколтата годинава може да биде помала за 25 проценти.