Тодоров промовираше 230 ажурирани клинички упатства за медицина базирана на докази

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска промовираше 230 ажурирани клинички упатства за медицина базирана на докази.

Станува збор за кратки, концизни и систематски документи, во кои се опишани знаците на болеста, симптомите, дијагнозата и третманот.

- Од овие 230 ажурирани упатства има шест, кои имаат определена промена од моментот на нашиот пресечен датум, а тоа е февруари оваа година. Имајќи предвид дека станува збор за битни упатства, ние се одлучивме и покрај тоа што тие се ажурирани истите да ги обновиме со датум јуни, рече Тодоров на прес-конференција.

Според него, со ова, грешките во лекувањето ќе бидат минимални.

- Ќе овозможиме оваа апликација да биде достапна во секое амбулантно возило и со брзо пребарување, сите информации за полесно дијагностицирање и подобар третман во медицината базирана врз база на докази да може да се презема од вработените од Итната медицинска помош, посочи Тодоров.

Упатствата се доставени до сите медицински факултети, а можат и да се најдат на веб страната на Министерството за здравство.