Ристовски: Измените во процесот на посвојување даваат резултати, за седум месеци посвоени 103 деца

Измените на Законот за семејство во делот на процесот на посвојувања веќе даваат резултати. Само за неполни седум месеци реализирани се 103 посвојувања, за разлика од минатите години кога на годишно ниво се реализирале од 50 до 70 посвојувања. Тие овозможуваат во покус период да се обезбеди семејна средина и подобар живот за децата кои без родители и родителска грижа, истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој имаше обраќање на обуката за стручните лица од центрите за социјална работа вклучени во процесот на посвојување.

Тој додаде дека откако се донесени измените не се констатирани пропусти во работата на лицата и институциите вклучени во процесот на посвојување. Појасни дека се преземени засилени контроли да се утврди дали се почитуваат роковите дадени во измените, а со кои се забрзува целата постапка, како и дали навреме се запишуваат децата во регистарот на посвоеници.

- Доколку некој има вишок неколку илјади евра и е подготвен да го изгуби работното место нека се обиде да не ги запишува децата. Ние покрај законските измени ги зголемивме и социјалните инспекции. Вонредно се прават надзори на уписите на децата. Овде се работи за судбини на деца и затоа нема да толерирам ниту еден вработен на негова волја да проценува дали и кога ќе ги запише децата во регистарот за да може да почне процедура на посвојување, рече министерот за труд и социјална политика.

Овозможување на непречен процес на посвојување, според него овозможиле и обуките на стручните тимови од надлежните институции кои се вклучени во него, кои се спроведуваат извесен период и имаат за цел да ги запознаат со новините во Законот за семејство во делот на посвојувањето.

Амбасадорот на УНИЦЕФ во Македонија Шелдон Јет, смета дека посвојувањето е добра алтернатива во случаите кога семејствата не сакаат или не можат да се грижат за децата, со цел да се оствари неговото право за живот во семејна средина.

- Во тој процес најважно е да се обезбеди да бидат остварени најдобри интереси на детето,  а неговите потреби да имаат централно место. Законските измени што беа направени се чекор напред кон подобрување на процесот на посвојување и обезбедување брза и транспарентна постапка, рече Јет.

Министерот Ристовски информира дека во моментов во земјава се регистрирани околу 350 потенцијални посвоители. За педесетина деца, кои би можеле да бидат дадени на посвојување, се чека да заврши процесот на дефинирање на односите со нивните биолошки родители.

Обуките на стручните работници во центрите за социјални работи, на кои денеска присуствуваше министерот Ристовски, се во организација на Министерството за труд и социјална политика и Заводот за социјални дејности, со финансиска поддршка од УНИЦЕФ.