Министерот Беџети им врачи повелби на шест новоименувани нотари

Министерот за правда Блерим Беџети денеска им врачи повелби на шест новоименувани нотари како вршители на јавни функции и им порача да работат чесно, совесно и одговорно, во рамки на Уставот и законите.

- Во иднина ќе го надоградувате своето знаење и понатаму ќе се едуцирате затоа што имаме динамичен правен систем. Со именувањето на новите нотари ќе се зајакне капацитетот за справување со обемот на работа, ќе се зголеми правната сигурност во државата и ќе се обезбеди владеење на правото, истакна Беџети.

Министерството за правда, како што рече, посветува големо внимание на унапредувањето на нотарската служба, особено при подготовката на законите каде што се настојува судовите да се растоварат од вонсудските предмети.

Тој посочи дека развојот на нотаријатот треба да биде во функција на полесно решавање на споровите на граѓаните и поефикасно остварување на нивните права. Според него, паралелно со зголемувањето на надлежноста на нотарите се зголемуваат и потребите на граѓаните.

- Со донесувањето на Законот за вонпарнична постапка се внесува многу значајна новина, нотарите да постапуваат како повереници на судот во однос на оставинските предмети кои не се спорни, рече Беџети.

Во рамки на почнатиот процес за судски реформи и потребата од растоварување на судовите од неспорни предмети, како што посочи, е и Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување кој почна да се применува од 1 јули 2010 година.

- Со овој Закон се пропишува дека предлозоте за извршување поднесени пред 26 мај 2006 година кои не се правосилни и предлозите за извршување поднесени врз основа на веродостојни исправи за кои не е донесено правосилно решение за извршување, судот ќе ги предаде на постапување кај нотар кој ќе постапува како повереник на судот, рече Беџети.

Минстерството за правда во досегашниот период распиша 28 конкурси. Со новименуваните нотари, сега во Македонија нотарската служба ја вршат 177 нотари.

На територија на Македонија, согласно Правилникот за бројот и распоредот на службените седишта на нотарите во државата, утврден е вкупниот број на службените седишта на нотарите кој изнесува 219, а остануваат непополнети 42 нотарски места.

Прашан за Законот за извршување санкции, Беџети рече дека во Министерството за правда нема паралелни работни групи и додаде оти се работи согласно Уставот и законите.

- Факт е дека сум потпишал Предлог-закон кој е веќе на мислење и ќе биде бргу во владина процедура. Тоа е како резултат на укинувањето на некои одредби од Уставниот суд, почитувани се тие одредби и се разбира треба да ја решиме таа ситуација. Со предложениот текст на законот тоа е разрешено, рече Беџети.

Ќе имаме, како што рече, државни службеници и затворска полиција која нема да влијае во плати, туку само во статусот на вработените.

Одговарајќи на новинарско прашање за Изборниот законик, Беџети рече дека во рамки на Владата имаше и има Управувачки комитет каде детално се разгледаа сите препораки на ОБСЕ, ОДИХР и на Групата земји против корупцијата (ГРЕКО).

- Врз основа на тие заклучоци во Министерството за правда беше формирана работна група која работеше на оваа тема и проблематика во континуитет. Имаше неколку одржани состаноци. Уште на самиот почеток беа повикани сите парламентарни и вонпарламентари партии и сите активно придонесоа во работната група. И експерти, неделегирани од Министерството за правда или од Владата, туку од ОБСЕ и други институции  активно учествуваа со свои предлози, рече Беџети.

Овие предлози, како што додаде, се како приоритет во делот на локалните избори каде се почитувани препораките на ОБСЕ, ОДИХР и ГРЕКО. -Работната група ќе продолжи да работи и ќе се свикува многу брзо и во делот на парламентарните и претседателските избори, додаде Беџети.