Канческа-Милевска ја посети општина Виница
Истражување на локалитетот Коколов Рид, Виничкото кале, реставрација на иконите во црквата „Свети Илија“ во село Блатец и издавање на капиталното дело „Виничка мистерија“ на Музејот „Теракота“ од Виница се четири проекти од национален интерес за кои денеска во Виница разговараа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и виничкиот градоначалник Емил Дончев.
При работната посета на општината, Канческа-Милевска ги посети Виничкото кале и постојаната збирка на археолошки артефакти во Музејот „Теракота“.
- Посебно сум задоволна од десегашните истражувања направени на Виничкото кале и откриените артефакти. Виничките теракотни икони го прошетаа светот и секаде каде што беа изложени предизвикаа посебен интерес. Во Холандија, во градот Утрехт, иконите беа изложени три месеци и како резултат на таа презентација бројот на холандски туристи и нивниот интерес за Македонија се зголеми повеќекратно, истакна Канческа-Милевска.
Претходно министерката за култура го посети и Берово каде што во центарот на градот отвори сувенирница за продажба на копии на артефакти од богатото македонско културно наследство.