Ѓорѓиев: 192 реконструкции на 132 училишта во 49 општини

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата особено внимание обрнува на развојот на образованието, тоа е стратешка определба и тоа се остварува преку реформи, обезбедување на опрема и инвестиции во образовна инфраструктура. Значаен, и суштински и финансиски дел од образовната инфраструктура има проектот за реновирањето и реконструкцијата на училиштата, за кој информираме дека започна како процес.

Владата определи 132 училишта во 49 општини, во кои ќе се извршат 192 реконструкции и реновирања. Ќе се реконструираат или реновираат прозорци, кровови, подови, инсталации за греење и санитарни јазли. Училиштата се определени преку јавен повик и преку физичка проверка на истите. За таа цел се обезбедени и ќе бидат ангажирани 45 милиони евра. Средствата ќе бидат распределени во три последователни години, што значи просечно по 15 милиони евра годишно.

Веќе започна и постапката за избор на субјект кој ќе направи проектирање на градежните зафати, постапка која треба да заврши до крајот на јули 2012 година.

Во Североисточниот, Источниот и Вардарскиот регион ќе бидат опфатени 36 училишта;
Во Југозападниот и Југоисточниот регион 21 училиште;
Во Пелагонискиот и Полошкиот регион 33 училишта и
Во Скопскиот регион 42 училишта.

Ќе бидат опфатени различни општини, независно од составот на населението или политичката припадност на градоначалникот.

Во Град Скопје ќе бидат опфатени 37 училишта, 6 во Чаир, по 5 во Карпош, Аеродром, Сарај и Гази Баба, по 3 во Кисела Вода, Бутел и Центар, и 2 во Ѓорче Петров.

Во Куманово ќе бидат опфатени 11 училишта, во Битола 7, во Гостивар 6, по 5 во Охрид, Струга и Тетово, 4 во Струмица, по 3 во Прилеп, Крива Паланка, и така до вкупно 132 училишта во 49 општини.

По изборот на проектант треба да бидат изготвени проектите, и да се отвори постапка за изведувач на градежни работи и надзор и да се отпочне со градба, за што веќе се обезбедени финансии. Целта на проектот е создавање на современи услови за извршување на наставниот процес, енергетски ефикасни училишта.

Почетокот на процесот значи почеток на исполнување на ново ветување од Владата.

Второ, исто така, сакаме да информираме дека во завршна фаза се изградбите на новото основно училиште во Аеродром, новото средно училиште во Шуто Оризари, училиштето „Страшо Пинџур“ во Вевчани. Овие училишта се комплетно нови и градбата се очекува да заврши најдоцна во октомври, а инвестицијата е околу 3,5 милиони евра. Училиштето во Чаир ќе биде завршено на почетокот на следната година и за него се определени околу 1 милиони евра или вкупно 4,5 милиони евра за 4 комплетно нови училишта.

Во наредниот период ќе продолжи изградбата и на монтажните училишта во руралните средини, како и изградбата на училишните спортски сали низ цела држава.

Трето, во октомври ќе биде завршен и новиот комплекс на студентскиот дом „Стив Наумов“. На локација со површина од 15.100 м2 (место каде се наоѓаа дотраените и неупотребливи бараки) ќе се добијат нови 2000 квадратни метри за сместување на студенти. Партерното уредување е со површина од 13.205 м2, а објектите се организирани во 8 блокови со два типа на објекти:
-6 објекти од ТИП 1 во кои ќе се обезбедат услови за 28 студенти во 10 соби;
-2 објекти од ТИП 2 во кои ќе се обезбедат услови за 18 студенти во 6 трокреветни соби.
Вкупниот сместувачки капацитет е за 204 студенти.
Вкупната инвестиција е 1 милион евра.

Сето ова уште еднаш го покажува силниот фокус на Владата за реализација на инвестиции во образовната инфраструктура. Така ќе продолжиме и во иднина, и со вакви мерки, но и со градба на нови училишта и спортски сали, и со останати мерки за реформи и развој на образованието.