Груевски: Македонија е конструктивна и посакува динамичен дијалог со Грција
Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, оствари средба со г-дин Метју Нимиц, медијатор на Обединетите Нации во македонско-грчкиот спор.
На средбата се дискутираа аспектите и можната динамика за надминување на спорот кој Грција го наметна во однос на нашето име.
Премиерот Груевски ја истакна својата посветеност во процесот, потенцирајќи го конструктивниот пристап на македонската страна и подготвеноста за продолжување на динамичен дијалог, а во интерес на изнаоѓање на решение.
Се изрази надеж и очекување за конструктивен пристап и од грчка страна, како и неопходност од давање приоритет на ова прашање од страна на Грција, како значајно за перспективите на Република Македонија и регионот.
Премиерот Груевски, изразувајќи силна поддршка на мандатот на медијаторот Нимиц и почитување за неговите досегашни напори, истакна и подготвеност за директни средби на највисоко ниво со грчката страна, а во интерес на градење на позитивна атмосфера и добар амбиент од значење за процесот.