Министерството за здравство објавува концесии за отворање на ПЗУ на примарно ниво во 73 општини

Министерството за здравство првпат по донесување на новиот Закон за здравствена заштита, објавува концесии за отворање на приватни здравствени установи на примарно ниво во 73 општини во Македонија, истакна денеска на прес-конференција ресорниот министер Никола Тодоров.

Тој рече дека Министерството за здравство е силно фокусирано на зајакнување на примарната здравствена заштита која е прво скалило и основа на здравствениот систем во секоја држава.

Огласот кој е веќе доставен до Службен весник, ќе трае 20 дена. Во него, се објавени условите под кои сите заинтересирани можат да аплицираат за доделување на овој тип концесии.

- При овој оглас се водиме од еден постулат кој е широко применет во развиените здравствени системи и на кој се базира донесувањето на мрежата на здравствени услуги, а тоа е постулатот на 15 минутно пешачење, рече Тодоров и додаде дека идејата на овој постулат е примарната здравствена заштита да биде географски распространета на тој начин што овозможува нејзина достапност за граѓаните со најмногу 15-минутно пешачење.

Со овој оглас, укажа тој, објавуваме отворање на приватни здравствени установи и склучување на договор за влез во мрежа на 182 нови тимови за здраствена заштита, а тоа се лекар и медицинска сестра.

- На тој начин овозможуваме отворање на нови 364 работни места во Република Македонија. Ги повикувам сите заинтересирани приватни здравствени установи кои се уште не се во мрежата, како и физички лица кои ги исполнуваат условите од Законот да се пријават на овој оглас, рече Тодоров. 

Според последните податоци од Агенцијата за вработување, нагласи министерот, во моментов се регистрирани 394 невработени лекари од кои околу 200 се од скопските општини,- Центар (56 невработени лекари), Карпош, Аеродром, Кисела Вода (13 невработени лекари), Гази Баба (11 невработени лекари), Ѓорче Петров, Чаир итн.

- Во скопските општини и околината се доделуваат 57 концесии, што претставува можност за вработување на 114 здравствени работници. Првпат во општина Шуто Оризари се доделуваат седум концесии, со што сметаме дека значително ќе се доближи здравствената заштита и до оваа популација, истакна Тодоров.

На второ место по Скопје, со најголем број невработени лекари е Битола (35) и тука се доделуваат седум концесии и можност за засновање на работен однос на 14 здравствени работници. Во Прилеп има 31 невработен лекар, и се доделуваат пет концесии, во Охридско-струшкиот регион има 44 невработени лекари, а се доделуваат десет концесии и можност за 20 вработувања. За источниот регион се предвидени 30 концесии за отворање на приватни здравствени установи.

Министерот појасни дека можно е здравствени работници од еден регион да аплицираат  за повеќе од еден регион затоа што, како што рече, идејата е да се овозможи што е можно поголема дисперзија на примарната здравствена заштита на целата теориторија на Македонија.

- Министерството за здравство ќе организира јавно надавање со почетна цена од 800 денари и минимално надавање од 100 денари. Тоа е еднократен износ на јавното надавање и по неговото завршување, кој ќе постигне највисока цена со тој ќе се склучи договор. Ова е во ситуација ако има поголем број заитересирани за некоја општина. По завршување на процедурата Министерството склучува договори со ПЗУ кои ќе бидат избрани, посочи Тодоров.

Потоа, потенцира тој, врз основа на тој договор за концесија, односно за влез во мрежата, Фондот склучува договор за финансирање на овие здравствени установи.

- Очекувам целата процедура да заврши до крајот на годинава и договорите да почнат со имплементација на новиот Буџет на Фондот од 1 јануари 2013 година, додаде министерот Тодоров.