Честитка од премиерот Груевски до олимписката и светска рекордерка Оливера Наковска Бикова

Со големо задоволство и радост ја примив веста за Вашиот голем успех, и за постигнатиот светски рекорд и освоеното прво место во најсилната конкуренција на параолимписките игри.

Дозволете, со оваа јавна честитка, во името на граѓаните, и Владата на Република Македонија, и во свое лично име, да Ви изразам голем почит за Вашето огромно достигнување и благодарност од името на целата нација за промоцијата на нашата земја Македонија. Вие сте хероина на нашата земја, а македонските граѓани заедно со Вас се радуваат и го слават Вашето дело.

Би сакал да изразам почитување за Вашиот труд, знаење и вештини. Првото место на параолимписките игри и постигнатиот светски рекорд, се резултат на Вашата посветеност, неуморност, верба и квалитет, и во исто време тоа e најдобар пример како се претставува националниот дрес и се промовира Татковината. Вие, Оливера, се запишавте не само на светлите страници на нашиот спорт, туку и на страниците каде се бележат личностите кои постигнале најголеми достигнувања на светско ниво, и треба да уживате во Вашиот успех, постигнат како резултат на сопствените вредности.

Ваквите успеси се и причина повеќе Владата да продолжи со поддршка и инвестиции во спортот, и да работи на унапредување на условите за развој на спортистите и  на нивните резултати и постигнувања.

Вам, и на останатите членови на македонската делегација, Ви посакувам понатамошни успеси во продолжението на игрите, инспирација за нови дострели, концентрација и умешност, и сила за постигнување на нови позитивни резултати.

Ќе ми претставува задоволство и чест, по Вашето враќање од Игрите, да оствариме средба, и да може да ги споделиме впечатоците и идеите за понатамошните движења кон новите цели и успеси.