Одржана втората седница на Комитетот за претприемништво и иновации

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Во Владата на Република Македонија вчера (понеделник, 31 октомври 2011 година) се одржа втората седница на Комитетот за претприемништво и иновации со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски.

На седницата се разгледуваше информацијата подготвена од Министерството за образование и наука за опциите на кој начин научните лаборатории кои што ги набавува Владата за универзитетите, покрај за наставно-научна дејност, може да се стават во функција на употреба на поширок круг корисници надвор од универзитетите. Притоа беше заклучено дека при разработката на финалниот концепт приоритет треба да се стави на компаниите кои би имале интерес за користење на научните лаборатории за нивни сопствени потреби за истражување и развој.

Во контекст на активностите на Министерството за образование се заклучи во рамки на проектот за превод на 1000 книги и учебници од најреномираните универзитети да се инкорпорира и превод на група од 12 книги од областа на претприемништвото и иновациите.

На седницата на Комитетот се разгледуваше и информација подготвена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за можностите во рамки на програмата за поддршка на руралниот развој да се разработи концепт за поддршка на трансфер на нови технологии и иновации во областа на земјоделството, со што би се придонело кон зголемување на продуктивноста и квалитетот на земјоделското производство.

Комитетот ја разгледуваше и реализацијата на повеќе проекти од областа на претприемништвото и иновациите кои што се предвидени во Програмата за работа на Владата, а донесе и заклучок да се разгледа можноста околу ангажман на реномиран странски експерт од областа на претприемништвото и иновациите кој што би се вклучил во работата на Комитетот со давање свои предлози и сугестии за проекти и активности од овие области.