Средба на министерот Бесими и началникот на ГШ на АРМ Котески македонските мировници од ИСАФ

Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими и началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески, денеска имаа средба со припадниците од контингентот на воената полиција по повод нивното пристигање во Република Македонија по успешно завршената мисија во Авганистан.

Мировниците својата должност ја извршуваа во склоп на мисијата за тренинг и обука на авганистанските припадници на воената полиција.

- Ми претставува особена чест и задоволство што со оваа церемонија ќе оддадеме достојно признание на нашите припадници кои во изминативе шест месеци беа дел од вооружените сили во рамките на мисијата ИСАФ во Авганистан. Верувам дека со сите присутни во моментов го споделувам чувството на гордост што како припадници на АРМ уште еднаш покажавме дека сме созреани за извршување на исклучително тешки и сложени задачи, им се обрати началникот на ГШ на припадниците на мисијата.

Со успешното завршување на оваа мисија, соопшти денеска МО, потполно се исполнети целите заради кои таа била реализирана.

- Обуката и менторирање на авганистанските безбедносни сили се само дел од задачите со кои вие го дадовте не така скромниот придонес на Република Македонија во поддршката и стабилноста и изградбата на демократијата во Авганистан, нагласи началникот Котески.

Министерот Бесими, стои во соопштението, им посака добредојде на припадниците на мисијата ИСАФ и искажа задоволство што и покрај предизвиците што ги имале во извршување на мисијата се вратиле живи и здрави покрај нивните семејства и им честиташе за успешно завршената мисија.

- Верувам дека вашето искуство ќе го пренесете и на останатите припадници на АРМ кои ќе бидат на вакви следни мисии, додаде министерот Бесими.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески на припадниците на мисијата на воената полиција за тренинг и обука на АНА им додели бронзени значки и признанија.

Најстариот национален претставник во школото за воена полиција во Авганистанската национална армија (АНА), потполковникот Митровски Марјанчо, истакна дека задачата ја извршувале одговорно и оти достојно ја претставиле Република Македонија и АРМ.

- Ние се носевме рамноправно со сите мултинационални припадници во школото каде што ја извршувавме задачата, истакна тој и се заблагодари за доделените признанија кои им претставуваат голема чест и мотивација за понатамошна работа и за целосната поддршка која ја имале од претпоставените старешини додека биле во мисија.