Попоски: Сакаме да градиме заедничка иднина во НАТО и ЕУ

Глас на Америка:  На маргините на ОН, имавте средба со Вашиот грчки колега, прва по неколку месеци. Зошто се јавија различни видувања за тоа што си кажавте?

Попоски:  Не би можел да ви кажам.  Она што го изнесовме беше отворен разговор за запознавање.  Разменивме повеќе аргументи, какви се, какви можат да бидат односите меѓу нашите две земји.  Тоа што го упативме како порака е дека Република Македонија сака да биде во НАТО и во ЕУ, а таму е Република Грција и сакаме да градиме заедничка иднина.  Мислам дека тоа беше многу јасна порака и така и треба да биде сфатена.    

Глас на Америка:  Во Њујорк, побаравте јакнење на улогата на Меѓународниот суд на правдата и почитување на неговите одлуки на светско ниво...

Попоски:  Тоа не бевме само ние кои го бараа тоа.  Клучната порака од оваа сесија на Генералното собрание беше дека почитувањето на меѓународното право е основа за обидите за надминување на било какви билатерални спорови.  Следната порака беше дека  демократските принципи треба да се почитуваат насекаде и не се никаков ексклузивитет само на западните демократии.  Во тој правец, мислам дека севкупната меѓународна заедница презема одговорност таквите принципи да бидат рефлектирани во еден неразумен спор кој постои веќе 20 години. 

Глас на Америка:  Како планирате да добиете поголема гласност за прашањето за името, на собир од ваков вид, но и понатаму?

Попоски:  Токму преку примерот со владење на правото, нешто што мислам дека е исклучително значајно во правец на надминување на наметнатиот спор.  Мислам дека може да добиеме поголема видливост и луѓето да разберат дека во суштина и правниот аспект, и она што е разумно, е на страна на отстранување на овие препреки кои денес постојат на патот на Македонија.  

Глас на Америка:  Пред да пристигнете во Њујорк, во Скопје престојуваше еврокомесарот за проширување Штефан Филе, кој рече дека очекува позитивен извештај од Европската комисија за напредокот на Македонија.  Дали очекувате и датум за почеток на преговори?

Попоски: Не можам да прејудицирам каков ќе биде извештајот се` додека не ни биде предаден, а тоа ќе се случи на 10-ти октомври.  Тоа што знам е дека ние имаме направено максимум да опстои таа препорака за почеток на преговорите, и знам дека Македонија никогаш не била поподготвена во изминатите 20 години од почетокот на преговорите со ЕУ.  Одлуката за почетокот на преговорите треба да ја донесе Советот на министри.  Ние апелираме до сите земји – членки, тука, да се водат од оние принципи, кои ги воделе луѓето кои ја основале таа ЕУ – проект за мир, меѓусебно разбирање и неблокирање и вклучување  на сите актери во процесот на европска интеграција.  Само на тој начин, и ако оваа порака биде примена од сите земји - членки, мислам дека европската идеја има светла иднина.      

Глас на Америка:  Меѓутоа, решавањето на билатералните спорови и натаму останува еден од клучните моменти за влез во ЕУ – се наведува во резолуцијата за проширувањена Унијата за периодот 2012-2015.  Ваш коментар?

Попоски: Мислам дека европската интеграција е најдобриот лек за надминување на билатералните спорови. Мислам дека таа теза треба да оди во тој правец – со интегрирање во ЕУ, всушност, билатералните спорови кои постојат од еден митолошки аспект, особено на Балканот, ќе исчезнат.  Треба да се фокусираме на остварување на целта, а тоа е вклучување на сите во рамки на ЕУ.  Македонија во ниту еден момент не избегнува надминување на сите билатерални разлики.  Тоа можеме да го постигнеме со дијалог, со отвореност, и со она што е клучно за европската идеја, а тоа е сите да бидеме заедно во тоа семејство, а не да ја искористиме европската идеја за поставување сопки на соседот.  Во тој дух, најдобро може да се надмине и тој проблем кој нам ни е наметнат, и кој опстојува веќе 20 години.

Извор: „Гласот на Америка на македонски јазик“

Новинар: Јане Бојаџиевски