Почеток на континуирана медицинска едукација на Службите за итна медицинска помош во Македонија

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска го посети Здравствениот дом во Велес по повод  означување на почетокот на првиот циклус од Проектот за обука на тимовите за Итна медицинска помош во Република Македонија, чија цел е унапредување и пред се унифицирање на работата на итните медицински служби во државата.
 
Се работи за проект за зголемување на соработката меѓу клиничарите и здравствениот персонал (лекари и сестри) при вонболничките итни медицински служби и поставување на ургентната медицина на повисоко ниво.
 
За секој член од тимот за итна медицинска помош се изготвени повеќе модули за едукација, кои се засноваат на веќе изготвени протоколи за итна медицинска помош, чија цел е обезбедување ефикасна, адекватна и брза здравствена грижа за пациенти кои се наоѓаат во животно загрозувачки состојби.
 
- Денеска почнува доедукација од првиот циклус, со кој покрај Здравствениот дом-Велес, се опфатени и службите за итна медицинска помош во здравствените домови во Битола, Демир Хисар, Струга и Дебар. Заклучно со февруари, годинава, вкупно ќе бидат организирани 36 работилници за интензивирање на соработката меѓу клиничарите и здравствениот персонал (лекари и сестри) и тимови на итната медицинска помош во државата, како и за екипите кои работат во ургентните служби во општите болници низ државата, изјави Тодоров.

Посебно значајно е што, како што рече, со овие обуки се опфатени и новите 80 лекари, вработени во службите за итна медицнска помош во здравствените домови низ Републиката.
 
Тој информира дека циклусите за обука содржат презентации и вежби од специјалисти од различни ургентни специјалности, како што се реанимација, кардиологија, токсикологија, неврологија, педијатрија и трауматологија. Во доменот на трауматологијата, обуките опфаќаат -  обука за справување со повеќекратни и тешки трауми. Во доменот на кардиологијата, обуките ги опфаќаат најфрекфентните состојби - почнувајќи со обука за поставување надворешен неинвазивен транскутан срцев пејсинг (во вид на лепенка која се лепи на кожата), со кој се дава електричен импулс со цел ритмична стимулација на срцевиот мускул. Предвидени се и модули и за други состојби од кардиоваскуларна природа, како на пример - брадикардија кај возрасни, како и брадикардија кај деца, срцев удар, алгоритам на тахикардија кај деца и возрасни и сл.
 
- Целта на овој вид дообука за тимовите на итната медицинска помош е пред се следење на новините во делот на ургентна медицина, а се организираат во пресрет на испорака на новите санитетски возилата, кои треба да стигнат до крајот на годинава, со најсовремена опрема, која на медицинските тимови од итната медицинска помош ќе им овозможи натамошно следење на новините и можност за подобро интервенирање, рече Тодоров.
  
За време на презентациите докторите ќе бидат запознаени со воведувањето и примената на новите протоколи за работа. Тоа значи дека тоа што докторите го работат според стандарди ќе биде верифицирано, а воедно ќе им даде заштита на докторите за нивната работа, но и подобра грижа за пациентите.
 
- Кадровското доекипирање, набавката на нови амбулантни возила, заедно со денешниот проект за обуки на тимовите за итна медицинска помош, уверен сум ќе придонесат за модернизирање и унапредување на работата на итната медицинска помош, како и за што посоодветено, ефикасно и брзо згрижување на пациенти кои се наоѓаат во животно загрозувачки состојби, изјави Тодоров.