Најавена изградба на нови спортски сали и базени

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски на денешната отворена седница на Владата најави изградба на мала спортска сала во рамките на Државното училиште за физичка култура - Методи Митевски Брицо во Скопје, спортска сала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како и мал базен во Крушево и базен во Охрид.  

Поповски информираше дека потребата за спортската сала во средното фискултурно училиште произлегува пред се од проектот „Спортска академија“ која стартуваше од септември оваа година. Во петте паралелки има 105 ученици.

- Во моментов се гради нов амфитеатар и две училници како поддршка на образовниот процес, а исто така има потреба и од една мала спортска сала во вредност од 22 милиони денари. Тоа е проектирана цена. Седумнаесет милиони денари се обезбедени со буџетот за следната година, а останатите ќе бидат исплатени во 2014 година. Имаме позитивно мислење од финансии и во најбрзо можно време ќе обезбедиме одобрение за градба бидејќи веќе разговаравме со општина Центар, рече Поповски кој побара од Владата одобрение за јавна набавка.

Градбата на салата би започнало по спроведувањето на јавната набавка за избор на изведувач, како што рече тој, некаде на почетокот на градежната сезона крајот на февруари почетокот на март.

Рокот за градба ќе биде шест месеци и според планираното салата би требало да биде пуштена во употреба до септември следната година.  

- Се работи за помала спортска сала. Нема бетонски работи што значи скратување на рокот и е монтажна, значи челична конструкција со панели. Така изградбата е многу побрза, а исто така ќе има и греење за да може да се користи и во зимски услови, изјави директорот на Агенцијата.

На Факултетот за физичка култура, што се наоѓа во истиот комплекс со средното училиште, беше изградена поголема сала, за која деновиве ќе биде распишана јавна набавка за нејзино греење.

Во однос на изградбата на спортска сала на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како и мал базен во Крушево и базен во Охрид, Попоски информираше до каде се постапките за реализација на овие проекти, како и за проектот за тениски игралишта.