Презентирани резултатите од Декадата за инклузија на Ромите 2005-2011 во сферата на образованието

Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска во Скопје ја отвори конференцијата „Што направивме и што треба да направиме за образованието на Ромите до крајот на Декадата за инклузија на Ромите 2005-2011“.

На конференцијата беа прегледани постигнатите резултати во областа на образованието, споредбено со резултатите предвидени со Акциониот план за образование.

- Поаѓајки од Законот за основно образование и Законот за средно образование, но пред се имајќи ги во предвид етичките принципи на кои се заснова нашето општество, како и заложбата на Владата на Република Македонија за задолжително и бесплатно образование, сите деца треба да ги имаат истите права на образование, рече Кралев.

МОН, како што посочи, веќе две години наназад со директна финансиска поддршка од Ромскиот образовен фонд, како и со сопствени средства, успешно го реализира „Проектот за стипендирање и туторство на средношколци Роми“. Според Кралев, проектот дава исклучително позитивни резултати во проодноста и зголемувањето на средниот успех на учениците и полесно совладување на наставните програми.

- Голем придонес во однос на зголемување на бројот на децата од ромска националност вклучени во воспитно-образовниот процес бележи и проектот на Владата за бесплатни учебници во средното образование, со кој првпат беа обезбедени учебници на ромски јазик за предметот „Јазик и култура на Ромите“. Прашањето на образованието на Ромите е еден од приоритетите на Владата, додаде Кралев.

Според резултатите од Декадата, за годинава планирани се 40 вработувања на негувателки Ромки, а остварени се 19. Стапката на запишување во основно образование од планирани 100 отсто е на 83 проценти, додека во средното образование е 19 отсто.

Средно училиште во општина Шуто Оризари не е изградено, а во високо образование се запишале само 2 отсто Роми годинава, или 297 од вкупно 92.854 регистрирани студенти. Според резултатите, катедра за ромски јазик на факултетите се уште не е отворена, иако било планирано годинава.