Заокружен проектот „Помош во областа на реформите во јавната администрација“ на МИОА и на ЕУ

Пет институции кои нудат повеќе од 50 шалтерски услуги во иднина ќе добијат препораки од Министерството за информатичко општество и администрација (MИОА) како да ги направат поевтини и поефикасни услугите кон граѓаните.

Препораките  МИОА ги изготвува по анализата што со помош на експерти  на Европската унија  ја изготви за работењето во тие институции  како дел од денеска завршениот проект „Помош во областа на реформите во јавната администрација - анализа на службените постапки и развој на системот на мерки во Македонија“. За проектот, спроведен од март до ноември годинава, ЕУ обезбеди 200 илјади евра.  

- На наше барање Европската унија ни помогна со експерти, направивме  детална анализа на работењето на институциите, односно на сите чекори  при постапување за одреден предмет, од моментот  кога доаѓа  барањето на шалтер до неговото решавање, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

По анализата  која утврдила колку вработени се вклучени и колку чини во услугата ќе се прави проценка дали може да се скрати некој од  тие чекори. Анализата, појасни Ивановски, ќе ни каже колкава ќе  биде заштедата од намалување на чекорите и колкав би бил трошокот доколку во иднина се преземе нов чекор. 

- Првпат правиме ваква анализа по што ќе настапиме со конкретни препораки до институциите со кои ќе им укажеме дека може побрзо и поефикасно да ги решат проблемите.  За нас е значајно како во иднина да ги направиме поефикасни и поевтини услугите во тие пет институции, нагласи Ивановски.  

Лукас Мелка, претставник на Делегацијата на ЕУ во Македонија, посочи дека ЕУ преку проектот помага да се развие ефикасна, професионална, транспарентна и деполитизарна јавна администрација која ќе може да  одговори на обврските за влез на државата во ЕУ и за нејзино работење по членството.  -  ЕУ ќе продолжи со поддршка и на други такви активности. За следната година планираме да спроведеме пет проекти во вкупна вредност од околу два милиони евра. ЕУ во годините што следат финансиски ќе го поддржува процесот на реформата во јавната управа, најави Мелка.

Покрај оценката на работните процеси во институциите кои најмногу нудат шалтерски услуги кон граѓаните  во тек на проектот се изработени и методологии за објективна оценка на работата на службениците согласно најдобрите пракси на ЕУ и за мерење на задоволството на крајните корисници како алатка за натамошен развој на услугите. Изработен е и прирачник за пристап во услужувањето на граѓаните од страна на јавната администрација за јавните службеници кои работат на шалтер. Тој прирачник вклучува препораки како да се постават стандарди на услуга, како да се подобри информираноста на граѓаните, љубезноста кон нив, како да се користат коментарите и жалбите од нив...

Во тек на проектот се реализирани и обуки за подобрување на пристапот во услужување  на граѓаните  на 210 шалтерски работници од фондовите за пензиско и инвалидско осигурување и за здравствено осигурување, Управата за јавни приходи, Централниот регистар и од Министерството за внатрешни работи.

Министерот Ивановски, одговарајќи на новинарски прашања кога ќе биде готов  регистарот што треба да понуди точна бројка за администрацијата  наведе оти  тој е готов уште од јули годинава, но дека се чека одредени институците кои се побавни да го пополнат.   Тој потсети дека   наложил Државниот управен инспекторат да упати писмо до секоја институција  да ја исполни обврската во рок од десет дена. Во  спротивно против нив ќе следат мерки според Законот за општа управна постапка.