Министерот Бесими ја прими донацијата за АРМ од Турција

Амбасадорот на Република Турција, Ѓурол Сокменсуер, денеска во Техничко-ремонтниот центар во Скопје му ја предаде турската донација за АРМ на министерот за одбрана Фатмир Бесими. 

Донацијата која се состои од седум возила „Лендровер“ и 1 возило „Кобра“, во вредност од 710.000 американски долари е дел од досегашната вкупна помош во донации од Република Турција, чија вредност изнесува околу 18 милиони американски долари.

- Сите овие години од нашето осамостојување, сведоци сме на градење односи помеѓу Република Македонија и Република Турција кои се на исклучително високо ниво. Нашето пријателство е пример за тоа како треба да се соработува во регионот, истакна министерот Бесими, на примопредавањето на донацијата.

Тој нагласи дека станува збор за нова, неупотребена опрема со висок квалитет, сосема компатибилна со стандардите на Алијансата. Опремата, најави Бесими, ќе биде распоредена во единиците на Армијата на Република Македонија, како значителен придонес во зајакнувањето на борбената моќ и мобилност.

Министерот Бесими пред присутните, меѓу кои и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески и амбасадорот на Република Турција, Ѓурол Сокменсуер, изрази благодарност за континуираната и јасна поддршка од Република Турција за Република Македонија, на нејзиниот пат кон целосно евроатлантско интегрирање.

Воената соработка меѓу двете земји, особено во смисла на помошта на образованието и обуката, како и донациите реализирани во рамки на логистичката поддршка на АРМ, истакна амбасадорот Сокменсуер, од ден на ден сè повеќе се интензивираат.

- Помошта во областа на образованието и обуката се реализира согласно Договорот за соработка во областа на военото образование и обука потпишан со Република Македонија во 1994 година. Од 1998 година до денес, повеќе од 100 припадници на АРМ биле на долгорочно школување на Командно штабната академија, Воената академија, Воено медицинската академија Гјулхане и разни родовски школи. Освен тоа, до денес во Центарот на партнерството за мир и во Центарот за совршенство во борбата против тероризмот се организирани краткорочно курсеви за приближно 780 припадници на македонската армија, истакна амбасадорот на Република Турција, Ѓурол Сокменсуер во говорот на свеченото примопредавање на донацијата.

Тој искажа убедување дека АРМ, која успешно учествува на некои од активностите на мировните сили под чадорот на ОН, уште повеќе ќе зајакне и дека за кратко време ќе постигне завидни резултати на патот за полноправно членство во НАТО што одамна го заслужи.