Измени во Законот за безбедност на сообраќајот: Можност 16 годишни лица да се стекнат со возачка дозвола

Можност малолетни лица со наполнети 16 години да се стекнат со право за добивање возачка дозвола, заострување на казнената политика во однос на запирање и паркирање на возила на места предвидени за движење на лицата во посебни потреби, како и измени кои се однесуваат на сообраќајот на крстосници со кружен тек на сообраќајот, се најзначајните новини во Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на сообраќајот, усвоен на последната владина седница.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната прес - конференција информира дека постар малолетник може да се стекне со право за добивање возачка дозвола од „Б“ категорија ако поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способен, да има завршено најмалку основно образование и да има согласност од родителите. Ограничени се да не смеат да управуваат со возилото во времето од 20 до 05 часот, освен ако во возилото го придружува родител односно старател кој поседува возачка дозвола, а не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило. Во Предлог законот се наведени и ограничувања во однос на брзините со кои смее да управува на јавен пат и автопат, но и глоба во износ од 300 евра за непочитување на законските одредби.

- Веруваме дека е подобро оваа категрија да ја едуцираме, отколку само да ја казнуваме. Сметаме дека ќе се овозможи поголема мобилност и подобра комуникација на младите, а ќе придонесе кон намалување на бројот на сообраќајни незгоди чија причина е управување со моторно возило без возачка дозвола, потенцира Јанкулоска. 

Сообраќајната полиција, информира таа, лани има регистрирано околу 12.500 прекршоци „управување возило без возачка дозвола“, а лицата кои на овој начин управувале со возилото, учествувале во 448 сообраќајки, во кои 18  лица загинале, додека 657 биле повредени.

Заострувањето на казнената политика за запирање и паркирање на возила на места предвидени за движење на лицата со посебни потреби, истакна Јанкулоска, е резултат на активностите што се преземаат од МВР и Здружението „Полио плус“ за отстранување на бариерите со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.

Глобата од досегашните 200, се зголемува на 250 евра ако возачот односно сопсвеникот на возилото запре или се паркира на мета предвидени за движење на лица со посебни потреби.