Со потпишаните договори со ЕБОР создадени условите за реализација на проектот ХЕ „Бошков мост“

Во вториот квартал од наредната година треба да почнат градежните работи на хидроелетраната „Бошков мост“, лоцирана во непосредна близина на Дебар на магистралниот пат Скопје-Дебар-Струга. До тогаш треба да завршат постапките за избор на изведувач и за доставувач на опремата.

Тоа е овозможено со денешното потпишување на Договорот за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Европската банка на обнова и развој (ЕБОР) и на Договорот за гаранција меѓу Рапублика Македонија и ЕБОР во Министерството за финансии.

Со двата договори се одобрува заем од ЕБОР во износ од 65 милони евра за изградба на ХЕ „Бошков мост“ што ќе биде достапен за месец дена. Покрај тоа, ЕЛЕМ ќе вложи и сопствени средства во износ од 42 милиони евра. Заемот на ЕБОР е надополнет со грант од 340 илјади евра за обезбедување техничка и еколошка длабинска анализа.  

Изградба на ХЕ „Бошков мост“ ќе значи целосно енергетско искористување на хидропотенцијалот на Мала Река и на сите нејзини притоки. Предвидена е изградба на брана со висина од 33 метри и акумулација со зафатнина од скоро 900 илјади метри кубни, доводен тунел со дијаметар од три метри и должина 8.742 метри, шест зафати од тиролски тип и доводни канали во вкупна должина од 11.366 метри што ја носат водата во главниот доводен тунел и машинска зграда.

Хидроелектраната „Бошков мост“ треба да профункционира во 2016 година. Нејзината инсталираната моќност ќе изнесува 68,2 мегавати со просечно годишно производство од 117,54 гигават часови.

- Со потпишување на договорите официјално се создадени сите услови за отпочнување на реализацијата на ХЕ „Бошков мост“ чија вкупна вредност е 107 милони евра. Проектот е целосно финансиски заокружен и ќе може да започне со неговата реализација, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески по потпишувањето на договорите.

Тој посочи дека ЕБОР е значаен партнер на Република Македонија во сите области во делот на инфрструктурата, а од денеска и во делот на енергетската инфраструктура  и оти верува дека овој проект ќе се реализира според највисоките европски стандарди.

Директорката на Секторот за енергетски проекти при Европската банка за обнова и развој Нандита Паршад рече дека ЕБОР со задоволство го поддржува овој проект кој ќе придонесе за стабилноста на енергетскиот сектор во Македонија.

- Изградбата на новата хидроцентрала е значаен проект за Република Македонија. ЕБОР со задоволство го поддржува овој важен проект, кој ќе биде развиен и изграден во согласност со најдобрите еколошки практики и ќе придонесе кон натамошните реформи во македонскиот енергетски сектор, изјави Паршад.

Директорот на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски рече дека денешното потпишување на договорите е еден од најважните предуслови за почнување на изградбата на ХЕ „Бошков мост“.

- Проектот Бошков мост е опфатен во националната Стратегија за развој на енергетиката и во Стратегијата за обновливи извори на енергија како еден од хидроенергетските прокети со кој се планира подобрување на количината и на  структурата на енергијата произведена  во Македонија. Реализацијата на овој проект ќе придонесе за постигнување на критериумот поставен од ЕУ до 2020 година 20 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјава да се добие од обновливи извори на енергија, рече Чингоски.

Тој истакна дека денеска во рамките на овој проек во ЕЛЕМ е потпшан договорот со консултантот за реализација на проектот - конзорциум составен од две швајцарски компании  Штуги и АФ консалтинг.

- Договорот е склучен за времетраење од 58 месеци, а неговата вредност е 3,4 милиони евра, сопствено учество на ЕЛЕМ во реализација на вкупниот прект за реализација на ХЕ „Бошков мост“.

Прашан дали изградбата на акумулацијата за потребите на електраната нема да предизвика уништување на дел од Националниот парк „Маврово“, Чингоски рече дека при изработката на проектот се земени предвид сите потребни документи и еколошки студии предвидени во меѓународните стандари и стандардите на ЕБОР.

- Во нивната изработка учестуваа претставниците на ЕБОР, а беше реализирана и јавна расправа и разговори со сите заинтересирани странки и беше одговорено на сите забелешки по што беше донесена констатција од ЕБОР дека е можно да се финансира. Доколку во изведбата на објектот се појават  било какви еколошки проблеми ЕЛЕМ ќе ги преземе сите мерки со консултантот и со ЕБОР да се отстранат и да немаат никаво влијание на животната средина, рече Чингоски.

Тој додаде дека изградбата на ХЕ „Бошков мост“ ќе има позитивно влијание не НП Маврово и ќе ја зголеми вредноста на паркот од туристички, рекреативен и еколошки аспект.

Вицепремиерот Владимир Пешевски во одговор на прашање рече дека Владата одлучила ХЕ „Бошков мост“ да не ја градат по принципот на јавно-приватно партнерство врз основа на анализи.

- Беше заклучено дека вистинската вредност на овој проект ќе се добие само доколку тој е дел од еден поголем систем каде таа енергија ќе биде користена за балансирање на системот. Електрана која не е премногу голема, но е значајна кај приватните инвеститори не е атрактивна. Тие бараа да биде намалена моќта на електраната со цел побрзо да си ги вратат средствата. Државен интерес беше до максимум да се искористат потенцијалите кои ги нуди и затоа беше донесена одлука да се гради на овој начин, рече Пешевски.