Македонија и Косово потпишаа договор за признавање на пензискиот стаж

На македонските граѓани кои извесен период работеле во Косово и на косовските граѓани кои работеле во Македонија да им биде признаен стажот за остварување право на пензија во матичната држава, предвидува Договорот меѓу двете земји за потврдување на периодите на осигурување за остварување право на пензија што денеска во Приштина го потпишаа македонскиот министер за труд и социјална политика Спиро Ристовски и неговиот косовски колега Ненад Рашиќ.

Со овој Договор ќе се овозможи остварување на право на пензија на македонски државјани кои имаат навршено пензиски стаж во Република Косово до 31 декември 1998 година, а немаат 15 години пензиски стаж навршен во Република Македонија и не можат да остварат право на старосна пензија. Со договорот ќе биде опфатена само старосната пензија, додека за остварување на правото на инвалидска пензија ќе се почека Косово да изготви и донесе потребни законски решенија.

- Потпишавме еден исклучително значаен договор за граѓаните на Косово и на Македонија со оглед на фактот што со помош на овој Договор се обезбедува гаранција и признавање на стажот на македонските граѓани кои работеле во Косово и ќе продолжат да работат во Косово, како и на косовските граѓани кои остварувале работни задачи во Република Македонија. Преговаравме три и пол години  и навистина сметам дека направивме еден исклучително револуционерен исчекор во делот на пензиско-инвалидското осигурување, рече министерот Ристовски.

Додаде дека Министерството и Владата се подготвени да ги стават на располагање ресурсите и во другите области со кои ќе може да се помогне на косовската Влада во делот на поддршка и дореформирање на целокупниот систем на пензиско и инвалидско осигурување и останатите системи на социјална сигурност.

По потврдувањето на пензискиот стаж од страна на надлежниот орган во Република Косово, граѓаните на Република Македонија ќе остварат право на пензија според македонски прописи со засметување на косовскиот пензиски стаж.

Овој договор ги содржи принципите на еднаквост на граѓаните и реципроцитет, така што граѓаните кои работеле на територијата на двете држави ќе им се потврди периодот на работење со што ќе остварат право на пензија според законодавството на државата каде што ќе го остварат правото.

Текстот на Договорот го усогласиле македонската и косовската делегација на преговори одржани лани во ноември и декември. 

Македонија, од периодот на осамостојувањето има склучено договори за социјално осигурување со 18 држави и тоа Австрија, Швајцарија, Германија, Чешка, Полска, Луксембург, Холандија, Белгија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Турција, Црна Гора, Австралија и Канада, а во постапка на ратификација е Договорот за социјално осигурување со Кралството Данска.

Владата на Република Македонија иницираше започнување преговори за склучување договори за социјално осигурување со Франција, Словачка и Нов Зеланд, а  во завршна фаза се  преговори за склучување договор со Република Албанија.

Од примената на билатералните договори за социјално осигурување, досега  35.000 граѓани користат пензии од друга држава.