Промоција на Институтот за геостратешко истражување и надворешна политика

Денеска во Министерството за надворешни работи,  својата дејност ја започна Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика. Основната идеја во функционирањето на Институтот е да се поттикне развојот на истражувачки капацитети во Република Македонија во поглед на генерирање стратешки и долгорочни насоки од државен интерес и нивно промовирање пред домашната и странска јавност.
‘’Македонија ќе започне да се вбројува меѓу земји коишто имаат професионални институции за градење на надворешна политика’’ – рече Министерот Попоски говорејќи за приоритетите на работата на Институтот.

На тема “Европската унија во 21-от век: проширувањето со нови членки – императив на европската агенда“, на присутните им се обрати и Ричард Ховит, европратеник и специјален известувач во Европскиот Парламент за Република Македонија, како и Роберт Лидл, од Делегацијата на Европска Унија во Република Македонија. Тие беа согласни дека функционирањето на Институтот отвора перспективи за воспоставување соработка и реализација на заеднички интереси.

Во своето воведно  обраќање, министерот Попоски се осврна и на длабоката економска криза со која се соочи Европската Унија, која како што рече „Го стави процесот на проширување во втор план и наметна преиспитување на нејзините непосредни внатрешни приоритети, како и ризикот да ја доведе во прашање политиката на проширување. Таквиот пристап - потврди Министерот Попоски – од стратешка гледна точка би бил погрешен и би имал негативни последици врз заложбата и интересот на ЕУ да игра значајна улога на меѓународната сцена’’
Министерот Попоски на крај го истакна своето верување дека Европската Унија сепак ќе излезе посилна од оваа криза и како таква ќе опстои, потврдувајќи притоа дека земјите од регионот, а со нив и Република Македонија, припаѓаат во поширокото Европско семејство.

Во дебатата како говорници  учествуваа: д-р Срѓан Керим, проф. д-р Таки Фити, г. Арсим Зеколи, поранешен амбасадор и проф. д-р Тања Каракамишева, а присутни беа претставници од дипломатските мисии на земјите членки на ЕУ акредитирани во Република Македонија, како и претставници од невладиниот сектор и други гости.