Почнаа подготовките за ИПА 2 за периодот 2014-2020


Вo Владата денеска се одржа презентацијата на „ИПА 2 (Инструмент за претпристапна помош 2) - Упатство за секторско програмирање“, пред претставници на сите државни институции во Македонија.


На презентацијата, која се одржа во рамки на посетата на тимот на ЕУ на Република Македонија за подготовка за ИПА 2 за перидодот 2014-2020, се обрати вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, кој нагласи дека земјата се соочува со предизвик – да постави цврста основа за имплементација на овој инструмент, со цел да се обезбеди ефективно и ефикасно користење на средствата во следниот седумгодишен период.


Бесими, воедно, ги поттикна присутните да ја искористат оваа прилика и присуството на претставниците на ЕК преку дискусија и дијалог да ја осознаат новата ИПА и сите идеи поврзани со неа.


Во рамки на неколкудневната посета на тимот на ЕУ, вчера Бесими се сретна со Дејвид Кулен одговорен за Македонија во Генералниот директорат за проширување на ЕК и Николас Нахтигал Мартен ИПА-координатор за земјата во Генералниот директорат.


На средбата се разговараше за процесот на евроинтеграција на Република Македонија, со фокус на искористувањето на фондовите од ИПА за наредниот програмски период 2014-2020 година.


Заменик претседателот Бесими истакна дека пристапувањето во ЕУ останува врвен стратешки приоритет на Владата на Република Македонија, на кој ќе се работи со максимална посветеност, со цел преку дијалог да се надминат сите предизвици со кои се соочуваме во реформскиот процес.


Во однос на активностите кои се преземени за програмирањето на фондовите од ИПА 2, Бесими информираше дека се формирани работни групи со претставници од надлежните државни институции кои работат на идентификување на проектите за кои ќе се користат овие средства и се заблагодари за поддршката која земјата ја добива од ЕУ во процесот на планирање и имплементација на ИПА проектите. Воедно, тој го потенцира значењето за Република Македонија во овој период да се покаже напредок кон започнувањето на преговорите со ЕУ и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес.