Министерката Канческа Милевска го посети Музејот на вкусовите во Кавадарци

 

 

Да се создаде ваков музеј во кој ќе може да се види автентичното поврзано историски, етнолошки, хронолошки, археолошки со сите овие вредни артефакти, навистина е за пофалба бидејќи со ова се негуваат културно-историските вредности на Кавадарци, изјави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска по посетата на новиот Музеј на вкусовите во тој град.

- Цел на Министерството за култура како во годишната програмата, така и на националната стратегија која неодамна беше објавена, е токму тоа, секој град да поседува музеј во кој ќе се презентираат највредните културно уметнички вредности, неговиот историски развој и се она што претставува културен идентитет на тој град, рече Канческа-Милевска.

Таа нагласи дека Кавадарци е град со голема историска, културна и археолошка вредност.

- Сето тоа може да се забележи од овие вредни артефакти почнувајќи од праисторијата преку антиката до денес. Овде има многу етнолошки предмети автентични за Кавадарци и сакам да изразам голема благодарност до граѓаните кои донирале дел од нив за да бидат дел од овој прекрасен музеј. Овде туристите кои доаѓаат ќе можат да се запознаат со вредниот историски континуитет на градот Кавадарци, нагласи Канческа Милеска.

Министерката изрази посебна благодарност до кавадаречкиот градоначалник Александар Панов за неговиот придонес кон културниот развој на Кавадарци, како и до тимот на културни работници кои работат на уредувањето на новиот музеј. Во врска со уметничките дела во музејот, таа потсети дека од Кавадарци потекнуваат многу значајни имиња од областа на уметноста кои ја промовираат Македонија и во светски рамки и оставија траен белег на македонската уметност.

- Ова е одличен пример како треба да соработуваат локалната и централната власт  и како заеднички можеме да реализираме што повеќе проекти за подигнување на свеста за културата. Македонија е земја со богати културни слоеви и заложба на македонската Влада е да се истражуваат археолошките локалитети, а пронајдените предмети да бидат достапни до јавноста. Значајни се, исто така, и етнолошките предмети. Ние ќе продолжиме во оваа насока со истражување на локалитетите и со многу други проекти на локално и национално ниво, рече Канческа Милевска.

Градоначалникот Панов, исто така, го изрази задоволството од новиот музеј.

- Колку што е наменет за туристите, овој музеј е наменет и за нашите деца. Би сакал нашите деца тука од најрана возраст до повозрасни да можат да научат повеќе за историјата, традицијата, културата, археологијата на својот крај, истакна Панов.

Музејот на вкусовите во Кавадарци е проект поддржан од Европската унија, а е дел од прекуграничната соработка на Кавадарци со градот Воден од Грција.

Директорот на музеј галеријата Петре Камчевски кажа дека станува збор за прв музеј од ваков вид во Македонија во кој се изложени предмети за производство и преработка на храната.

- Кавадарци е во светот познат по производството на грозје и преработките од него. Затоа имаме посебен оддел во кој се претставени експонатите кои говорат за лозаровинарството, додаде Камчевски.