Стартува владиниот проект за вработување 1.600 лица од ранливи категории

 

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев       

Почитувани,

 

Владата на Република Македонија има стратешка определба за спроведување мерки и активности, политики и реформи за зголемување на вработеноста на граѓаните.

Пред определен период беше објавен проект за вработување на 1600 лица кои потекнуваат од социјално ранливи категории, со цел да се даде посебен вид поддршка на овие лица кои се во понеповолна позиција на пазарот на трудот, за да може да се вработат, вклучат во општествените процеси и да обезбедат егзистенција за себе или да придонесат за егзистенцијата на своите семејства.

Сакаме да информираме дека Владата ја донесе процедуралната методологија за реализација на овие 1600 вработувања на лица од социјално ранливите категории.

Денеска е објавен оглас за 1600 вработувања во ЈП „Македонски шуми“, кој во определен обем претставува иницијален чекор во постапката за реализација на вработувањата и тоа за лицата кои понатаму би требало да бидат распоредени на работни места во други институции, а во останатиот дел претставува и финален чекор за реализација на вработувањата за лицата кои ќе останат своите работни задачи да ги извршуваат во „Македонски шуми“.

За овој оглас е потребно да се издвојат две информации во поглед на групирањето на вработувањата.

Прво, како што беше објавено, во однос на припадноста на определена социјално ранлива категорија, на овој оглас за 1600 вработувања ќе може да конкурираат лица од следните категории:

-долгорочно невработени лица кои повеќе од 10 години се без работа, за кои се предвидени 400 вработувања;

-лица од многудетни семејства, 400 вработувања;

-самохрани родители и еднородителски семејства, 400 вработувања;

-невработени лица од семејства каде нема ниеден вработен, 400 вработувања.

Второ, во однос на степенот на образование кој го поседуваат овие лица,  ситуацијата со предвидени работни позиции во однос на вкупниот број на 1600 вработувања е следна:

-лица со ниска стручна спрема(помошни работници), за кои се предвидени во вкупен обем 976 позиции, односно по 244 за секоја од претходно наведените групи;

-лица со средна стручна спрема(референти), за кои се предвидени 472 позиции, односно по 118 во секоја од четирите групи;

-лица со висока стручна спрема(советници, соработници), за кои се предвидени 152 позиции, односно по 38 вработувања за секоја наведена група.

Во прилог се наведени критериумите за потесен избор и бодување на лицата кои ќе конкурираат за работните места:

а. За работните места/позиции помошни работници, референти и соработници(советници) - долгорочно невработени лица кои повеќе од десет години во континуитет се без работа:

 -приходи на домаќинство- 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи;

-години на невработеност - 40 бода за лицата кои најдолго се    невработени, пропорционално помалку бодови за останатите согласно периодот на невработеност;

-години на стаж потребни за стекнување на услови за пензијата - 20 бода за лицата на кои им се потребни најмалку години на стаж за да го исполнат условот за 15 години стаж за пензија.

б. За работните места/ позиции помошни работници, референти и соработници(советници) - лица од многудетни семејства:

-број на деца во семејството - 40 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца;

-приходи на домаќинството - 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи;

-самохрани и еднородителски семејства - 20 бода.

в. За работните места/позиции помошни работници, референти и соработници(советници) - самохрани родители и еднородителски семејства:

-приходи од домаќинството – 50 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи;

-број на деца во семејството – 25 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца;

-години на невработеност – 25 бода за лицето со најмногу години на невработеност, пропорционално бодови за останатите лица.

г. За работните места/позиции помошни работници, референти и соработници(советници) – невработени лица од семејства каде нема ниеден вработен:

-приходи од домаќинството – 40 бода за лице од домаќинство со 0 приходи, пропорционално помалку бодови за лица од домаќинства во кои има приходи;

-број на деца во семејството – 40 бода за лицето кое има најмногу деца, пропорционално помалку бодови согласно бројот на деца;

-број на членови на семејството – 20 бода за лицето кое има најмногу членови во семејството, пропорционално помалку бодови за останатите согласно бројот на членови.

При оцена на критериумот приходи на домаќинството ќе се земе предвид состојбата на приходи на 01.01.2013 година. Лицата приматели на социјална помош ќе бидат бодирани како да немаат никаков приход. Рокот за пријавување по огласот е 30 дена, сметано од денот на објавување на огласот, заклучно со ден 22.06.2013 година.  Лицата треба да достават апликација која е веќе објавена на интернет страниците на ЈП „Македонски шуми“, на Агенцијата за вработување, и на Министерството за труд и социјална политика, документ за завршен степен на образование и државјанство на Република Македонија. Сите останати документи потребни за аплицирање на огласот ќе бидат обезбедени од страна на државните институции по службена должност. При изборот за вработување ќе се води сметка за принципот за еднаква и правична застапеност на етничките заедници во Република Македонија.

По огласот лицата кои ги исполнуваат критериумите и кои се најдобро пласирани врз основа на бодирањето ќе бидат вработени во рамките на ЈП „Македонски шуми“, за што веќе претпријатието има донесено програма, систематизација која го предвидува бројот на работни места со вклучени 1600 вработувања кои се предмет на овој оглас, и има обезбедено финансиски средства за реализација на вработувањата, со што се исполнети сите законски услови за реализација на вработувањата.

Дел од лицата кои ќе бидат вработени ќе продолжат да работат во рамките на ЈП „Македонски шуми“ трајно, а поголем дел ќе бидат преземени од страна на други државни институции и тие лица кои ќе бидат превземени ќе продолжат да работат во тие институции кои ги превземаат на трајна основа.

Превземањето ќе се врши врз основа на пријавени потреби на институциите. Сите институции треба да поднесат пријави за своите потреби за дефицитарен кадар до Владата и до Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Врз основа на тие пријави, дел од овие 1600 лица кои ќе бидат примарно вработени врз основа на овој оглас во ЈП „Македонски шуми“, а ќе бидат превземени од страна на различни институции во согласност со законските прописи и пријавените потреби. Доколку за дел од превземените лица во други институции е потребна дополнителна обука, доквалификација, преквалификација и слично, истата ќе биде направена од страна на Агенцијата за вработување на Република Македонија. Целиот процес на вработувања во ЈП „Македонски шуми“ и преземања на лицата кои се потребни во други институции треба да заврши не подоцна од крајот на оваа година.

Апелираме сите лица кои ги исполнуваат критериумите од овој оглас да конкурираат за да се стекнат со можност за да се вработат. Шансите и можностите се еднакви за сите. Владата има силна и јасно изразена политичка волја да обезбеди рамноправни услови за конкурирање, а секој обид за протекција, лобирање или влијанија на огласот ќе се смета за негативност.

Апелираме лицата од овие социјални категории да се охрабрат и да конкурираат, да бидат мотивирани и сигурни во својот потенцијал, бидејќи овие работни места се наменети токму за нив и тие треба да ги добијат. Апелираме да аплицираат, независно од тоа дали поседуваат образование кое е стриктно компатибилно со дејноста на ЈП „Македонски шуми“ или е друг вид на образование, затоа што дел од нив ќе имаат можност и ќе бидат прераспоредени во други институции. Токму затоа и е предвиден овој модус кој обезбедува методологија која со значителна поддршка и прилагодувања од страна на државата, и методологија базирана на интересите и потребите на лицата за кои се однесува, ќе овозможи токму лицата од овие категории да ги добијат работните места.

На овој начин Владата презема чекор за конкретна поддршка на лицата од социјално ранливите категории, за да обезбеди нивно вработување и да се надмине предизвикот со нивната слаба позиционираност на пазарот на трудот. Владата и во иднина ќе продолжи со политики и мерки за поддршка на социјално ранливите категории, и со политики и мерки за зголемување на вработеноста.