Преку директни средби со производителите и конкретни решенија до европско земјоделство

Во ресорот земјоделство дојдовте од функцијата министер за одбрана. Можете ли денес, по речиси четири месеци на новата позиција, да направите некаква паралела од аспект на „тежината“, обврските, одговорностите?

Неколку години учествувам во работата на оваа Влада, прво како министер за локална самоуправа, потоа и како министер за одбрана. Кај неа видов силна посветеност на развојот на земјоделството. Тоа за мене беше уште поголем предизвик, да бидеме добар тим со министерот Љупчо Димовски, со државниот секретар и вработените, да постигнеме уште поголеми резултати.

Освен различност, меѓу некои сектори постои и голема сличност. Во Министерството за одбрана работев на осовременување на Армијата или набавка на оружје, но постои ли поадекватно оружје за самоодбрана на една нација од производството на храна? Мојата цел ќе биде тон повеќе пченица, тон повеќе пченка, тон повеќе компир, јаболка,... Тоа ми беа и првите размислувања кога дојдов тука.

Задоволен сум од работата во првите 100 дена. Министерството ја доби најголемата честитка од Европската комисија за успешно спроведените реформи. Постигнатите резултати се дополнителен мотив, не само за мене, туку и за сите вработени заедно да продолжиме со работа. Законодавството веќе го имаме, треба да се донесат уште многу подзаконски акти и нормативи. Но, направена е многу битна работа. Го поставивме темелот, фундаментот на модерното земјоделство во Македонија. Сепак, поставениот темел треба да се надгради. Важно е колку пари се одвојуваат за земјоделството, но многу позначајно е како тие се искористуваат и контролираат. Затоа, покрај драстичното зголемување на субвенциите, одиме уште еден чекор понапред. Се изготвува педолошка карта која треба да покаже каков е квалитетот на почвата во регионите и како да ги доусовршиме политиките на планирање и поддршка. Можеби ќе размислиме и за регионализација на субвенционирањето. Не сакаме да се случи земјоделец да посади култура што во некое подрачје не може да даде резултат. Во тој случај губи тој, но губи и државата.

Пред 6 - 7 години го дочекавме земјоделството буквално на колена. Потребна му беше силна инфузија. Сега, откако ја доби инјекцијата, претстои друг период, на осовременување со цел поголемо производство. Земјоделството сега е горе-долу стабилизирано, но потребно е со брзи чекори да се движиме кон европскиот аграр, кон поголем профит. На земјоделците од работата не смее да им останат само рапави раце, туку треба да имаат доволно средства за достоен живот, да ги исшколуваат своите деца. Затоа, продолжуваме со политиките за нивна силна поддршка.

Најавувате повеќе нови проекти. Ќе има приоритетни или сите ќе се спроведуваат паралелно со речиси иста динамика?

Еден од проектите што го ветивме и успешно го завршуваме е проектот за јавно-приватно партнерство и вложување во производство на семе и саден материјал. По распишаниот јавен повик, доделена е локацијата. Деновиве треба да се потпише договор со израелска компанија која во Македонија ќе направи погон за производство на семе и саден материјал. Ова многу ќе значи за нас како држава, но и за земјоделците. Исто така, ќе ги поттикне производителите да размислуваат за отворање други такви центри и да користат сертифициран, квалитетен семенски и саден материјал. Не е исто дали од земјата со која располагаме ќе произведеме три или шест тони пченица. Тоа зависи пред се од спроведување добри земјоделски практики, добра политика, но и од користење квалитетн посадочен материјал.

Друг, исто така веќе реализиран проект е градењето откупно-дистрибутивни центри. Тоа е инвестицијата „Агрокор“ вредна 20 милиони евра. Вложувањето на хрватската компанија ќе значи сигурен откуп и едуцирање на земјоделците за првокласно производство кое, пак, е гаранција за продажба и извоз на европскиот пазар чии потрошувачи се многу пребирливи. Министерството е отворено за соработка со сите што сакаат да вложат. Нашата цел е да се изградат што повеќе такви капацитети.

Сигурен сум дека во наредните неколку години ќе се изградат уште неколку откупно-дистрибутивни центри. Изминативе 100 дена Македонија ја посетија заинтересирани инвеститори од Турција и од соседните земји. Тоа покажува дека веруваат во капацитетот на македонското земјоделство што е мотив повеќе за нас уште повеќе да им помагаме на производителите. Во Богданци странски инвеститор веќе откупи земјиште, во тек е изработка на проектна документација за откупно-дистрибутивен центар со разладен капацитет од околу 4.000 тони. Ова е добар сигнал за други инвеститори.

Освен проектите што ги најавивме и кои се веќе речиси спроведени, работиме и на други. Еден од нив е решавањето на проблемот што сопствениците на долгогодишните насади го имаа поради нерегулирани имотно-правни односи. Во фаза е легализирањето на површините. Една третина е веќе завршена во неколку катастарски општини. Продолживме со доделувањето под закуп на земјоделските површини во државна сопственост. Во овој период околу 1.460 хектари се дадени под закуп и склучени се нови 317 договори со земјоделците за негова правилна обработка.

Подолго време во Министерството постоеше еден проект за доделување земјоделско земјиште на плодоуживање на ранливи категории граѓани. Направивме добра анализа и увидовме дека проектот треба да се постави на многу поздрави нозе, да биде издржлив, да ги извадиме социјалните случаи од позицијата во која се наоѓаат. Во оваа насока, во соработка со ресорното Министерство за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување, изработивме две програми. Првата ќе ја поставиме ние преку Програмата за рурален развој. Секој што ќе добие земјиште на плодоуживање независно што ќе сади, во старт ќе добие еднократна поддршка, 20.000 денари за житни култури и 55.000 за раноградинарски култури. Од друга страна, преку Програмата на Министерството за труд и социјална политика во првата година од користење на земјиштето ќе се исплаќа социјалната помош во иста сума колку што претходно била и плус ќе се уплаќаат средства за социјално и пензиско осигурување. Втората година социјалецот ќе добива 50 отсто од социјалната помош и повторно средства за социјално и пензиско ќе се уплаќаат на неговата сметка во Буџетот на Министерството за труд. Третата година ќе го пуштиме сам на пазарот. Сметаме дека три години се доволен период за да го извлечеме од неповолната ситуација и да добиеме здраво земјоделско семејство. Целта на овој нов, модифициран проект за плодоуживање е да биде одржлив, не само декларативно да се спроведе. Ние сакаме земјиштето правилно да се обработува и да добие профит, а ресорот труд полека да ги вади ранлиите категории и да ги пушти на пазарот.

Некои проекти стартуваат идната недела. За што станува збор?

Моето размислување е дека министерот, заменик министерот и службениците многу почесто треба да одат на терен. Не може секој земјоделец, од Битолско, Струмичко, Куклиш, Зубово, ..., да дојде во Скопје и да изгуби цел ден, барајќи не по канцеларии. Затоа со министерот Димовски и раководните структури се договоривме од идниот викенд да одиме по подрачните единици и директно да разговараме со заинтересираните земјоделци кои имаат проблеми. Попладне, пак, ќе организираме стручни трибини и расправи зависно од регионот во кој се наоѓаме.

За неколку дена ќе стартува и т.н. земјоделски пазарен информативен систем кој во секое време ќе обезбедува точни дневни, неделни, месечни и годишни информации за цените на земјоделските производи од пазарите на големо, сточните пазари и откупно-дистрибутивните центри. Информациите ќе се објавуваат на МРТВ и на интернет страницата на Министерството, а во следната фаза од проектот и преку бесплатна телефонска линија, како и преку СМС пораки. Идејата е навремено информирање на земјоделците околу пазарните трендови на земјоделските производи. Практично, секој што сака ќе може да добие точна и навремена информација во секое време.

Информациите воопшто и оние од откупните пунктови ќе можат да ги објавуваат и останатите медиуми доколку имаат интерес.

Тука не застануваме. Идната година непосредните контакти продолжуваат преку нов проект „Канцеларија 365 дена“. Ќе набавиме шест возила и ќе ги опремиме како канцеларии. Тие буквално секој ден ќе бидат на терен. Тимот ќе го сочинуваат луѓе од Министерството, Платежната агенција, Агенцијата за поддршка на земјоделството. Така ќе бидеме поблиску до производителите со цел брзо и ефикасно решавање на проблемите.

Како посебно значајно го посочувате формирањето совет за иновации и нови технологии...

Преку советот во кој ќе бидат вклучени признати научни работници, ќе форсираме политика на давање средства за иновации. Околу еден отсто од Програмата за рурален развој или 200.000 евра ќе бидат наменети за иновации во повеќе области, земјоделска механизација и опрема, агрохемиско тертирање на почва и култури, семенски и саден материјал за создавање нови сорти, сточарство, трансфер на технологии и решенија од странски држави.

Најмногу ќе се финансираат тригодишни проекти за да се добијат резултати што поскоро. Оние што ќе бидат прифатени, за да не останат во фиока, ќе бидат промовирани. Тоа е практично втората фаза. Потоа ќе следува и финалната, примена на научните трудови во земјоделството за што ќе бидат обезбедени дополнителни субвенции за производителите.

Овој и други проекти ги работиме во соработка со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и луѓето од неговиот Кабинет. 

Последниве месеци интензивно укажувате на неопходноста од формирањето земјоделски задруги и од окрупнување на земјиштето....

Ако првата фаза од владините политики беше поставување добар темел и фундамент во земјоделството, втората е остварување што поголем профит, и лично за производителите и за државата. Да, клучни елементи за таквите политики се окрупнување на земјиштето и формирањето задруги. Двата проекти се почнати и ги движиме паралелно. До крајот на годинава ќе ја добиеме нацрт верзијата на стратегијата за окрупнување на површините. На почетокот од 2012 се очекува финалната верзија, а целиот проект планираме да го спроведеме до 2020 година. Преку пилот проектот што успешно е спроведен во Конче, ги увидовме слабостите што треба да се елиминираат.

На задругарството посветуваме посебно внимание. Една од негативните работи во однос на перцепцијата кај земјоделците е што тие ваквото здружување го поистоветуваат со периодот од 50-тите и 60-тите години кога им беа одземани имотите. За разлика од тогаш, нам целта ни е земјоделецот да има неприкосновено право на сопственост на земјиштето. Здружувањето, пак, го гледаме исклучиво од аспект на економски интерес - подобрување на преговарачката позиција на секој земјоделец и зголемување на производството, задругата да биде достоен партнер за дијалог со откупувачите. Силно ќе го туркаме овој проект. Предвидуваме да има два типа задруги, од помал и од поголем обем, зависно од бројот на членови и земјата што ќе се обработува. Тоа треба да поттикне натпревар, како мала задруга да стане поголема. Бенефитот е повеќекратен, најмалку пет отсто пониски цени на репроматеријалите за членовите на задругата, поголема финансиска поддршка, наместо 50 отсто, се планира 60 до 70 проценти кофинансирање за земјоделска механизација, државата ќе регресира и 20 отсто од надоместокот за вода што треба да плати задругата. Ќе се покриваат и дел од средствата што задругата ќе ги плати за осигурување на посевите, како и платите на менаџерите на задругата во првите години, најпрво 100 отсто, потоа 80, па 60 и на крај 40 проценти. Во суштина, планираме систем со кој ќе ги мотивираме земјоделците да станат членови на задругите.

Ќе се разгледува и можноста некои задруги зависно од дејноста за која се регистрирани, да добијат нова, бесплатна механизација.

Токму замената на застарената, амортизирана земјоделска механизација со нова, современа, е исто така една од клучните активности на Министерството?

Да, интензивно работиме и во овој дел. До март идната година треба да биде изготвена студијата која ќе покаже каква е фактичката состојба со земјоделските машини и која воедно ќе послужи како алатка за добивање пари од европските претпристапни фондови. Ако тоа се случи, дел од нашите средства, за националните програми, ќе ги пренамениме за нешто друго.

До каде се реформите во водостопанството?

Не можеме да зборуваме за интензивно земјоделство и поголеми приноси без современи системи за наводнување. Оваа тема ја разгледа и владиниот економски совет. Ги анализиравме сите почнати проекти. Ќе работиме на создавање услови за што поголема ефикасност на водостопанствата и претпријатијата кои обезбедуваат вода за наводнување, целиот тој систем да биде одржлив. Планираме од идната година да го поврземе со обезбедувањето стимулации. Ако еден земјоделец сака да користи субвенција, ќе мора да ја плати водата за наводнување. Ова ќе овозможи краткорочно подобрување. Но, паралелно, ќе се обидеме да најдеме странски инвеститори, концесионери, странски фирми заинтересирани за јавно-приватно партнерство во делот на управувањето со системите за наводнување. Незамисливо е огромни системи за кои државата дала многу пари денес да се користат со само 15 или 20 отсто од капацитети. Практично работиме на што поуспешно поставување на системот за наводнување.

Евидентни се заложбите на Министерството во воспоставувањето здрава, солидна комуникација меѓу производителите и преработувачите. Ќе продолжи ли таквата практика?

Уште од првите денови наметнавме една реченица која сакаме да се врежи во главата на секој земјоделец, „Договореното е најсигурно“. Ние иницираме дијалог меѓу земјоделците и откупувачите, инсистираме задолжително да склучуваат договори. Договореното е најсигурно зашто е всушност она што го бара пазарот. Изминативе 100 дена покажавме како се гради или попрецизно како се посредува при градењето на дијалогот меѓу засегнатите страни.

Со министерот Димовски годинава многу успешно ја изменаџиравме ситуацијата околу откупот на грозјето, нешто што беше голем проблем. Разговаравме и со производителите и со откупувачите и со винарските визби. Притоа, постигнавме договор кој значеше откуп на целокупното производство, до последното зрно. На крај добивме и задоволни винарии и задоволни преработувачи и задоволни лозари. Би потенцирал дека до крај ќе го почитуваме Законот за вино кој предвидува дека визбата што нема да ги исплати земјоделците, нема да добие дозвола за откуп или ќе ја изгуби лиценцата. Дијалог инициравме и меѓу производителите на житни култури што резултираше со успешен откуп на пченицата. Тие склучија договори со млиновите, а Владата излезе и со пакет мерки за спас на домашната продукција. Со постојани разговори и одење на терен успеваме на многу елегантен начин да го решиме и тој процес, да се откупи домашното жито, а задоволни да бидат двете страни.

Извор: МИА

Новинар: Мирјана Чакарова