Завршна вежба на меѓународниот воен „Летен Кампус 2013“
Денес на АП Криволак се одржа показна тактичка вежба „Мултинационални сили за задача (чета) во изведување на операции за поддршка и стабилизација”. Оваа вежба беше последната фаза од Летниот кампус 2013 на кој студентите и питомците имаа можност да се стекнат со одредено академско ниво во доменот на постконфликтни операции, а особено од меѓународните организации како НАТО и ЕУ. На денешната вежба присуствуваа министерот Џафери, амбасадорот на Обединетото кралство во Република Македонија Кристофер Ивон, заменик министер за одбрана на Република Косово Шемси Весели, како и бројни високи гости од земјите учеснички на кампусот.
Министерот Џафери истакна дека оваа финална фаза на Летниот Кампус 2013 јасно покажува дека армиите, министерствата и земјите во регионот во соработка со земјите учеснички на овој кампус можат заедно да се обучуваат и да се стекнат со нови знаења за да се справат со решавање на конфликтни ситуации. Можевме да се увериме дека питомците и студентите уште во студентските денови можат да соработуваат и да градат пријателства кои што подоцна ќе ги продлабочат во армиите од кои доаѓаат.
- Ова е уште еден доказ дека земјите и народите од регионот можат да соработуваат во справувањето со различни ситуации. Ние и во иднина ќе ги поддржиме сите вакви заеднички активности кои ќе не зближуваат – рече министерот Џафери.
Амбасадорот Ивон го изрази своето задоволство при што истакна дека „Огромно е задоволството да се видат питомци од различни држави кои соработуваат меѓу себе вклучувајќи ги овде и безбедносните сили од Косово, Црна Гора, САД, Бугарија заедно со силите на Велика Британија. Посебна благодарност изрази до министерството за одбрана и министерот Џафери, до македонските вооружени сили кои го овозможија учеството на питомците од Обединетото кралство и додаде дека нивните питомци комплетно уживаа во нивниот престој овде.
На кампусот студентите и кадетите преку теорија и практика се запознаа со дел од мерките, постапките и напорите за справување со дополнителни предизвици кои се надвор од мисијата, како што се хуманитарни операции, справување со елементарни непогоди, работа со медиумите.
- Цел на сите нас е борбата против тероризмот и зачувувањето на мирот во светот. За десет дена имавме околу 250 претставници од 6 земји. Македонија, САД, Велика Британија, Косово, Бугарија, Црна Гора. Горди сме што бројот на заинтересирани за оваа наша активност секоја година расте. Предавачи на кампусот беа светски реномирани стручни лица од оваа област, кажа полковникот Методија Дојчиновски.