Груевски-Џипинг Си: Стрaтегиско партнерство, економска соработка, инвестиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски денеска (02.07.2013 година) во Пекинг оствари средба со претседателот на Народна Република Кина, г-дин Џипинг Си.

На средбата двајцата соговорници ги поздравија пријателските односи кои постојат  помеѓу двете држави на секое ниво од билатералната соработка.

Беше констатирано дека меѓусебните односи во континуитет бележат нагорен тренд и се развиваат во духот на пријателството, меѓусебното разбирање и високиот степен на доверба.

Од страна на премиерот Груевски беше истакнато дека во соработката со Народна Република Кина, Република Македонија гледа можност за стратегиско партнерство, особено во полето на развојот на економските односи, трговската размена и соработката на полето на инвестициите. Соговорниците заклучија дека областите каде може да се забележи значителна соработка е инфраструктурата и градежништвото, енергетиката, како и медицината.

Премиерот Груевски го запозна претседателот Џипинг Си со реформите кои се спроведуваат во нашата земја, како и со мерките кои ги презема Владата во контекст на привлекување на инвестиции и бројните поволности за водење на бизнис. Тој истакна дека Република Македонија е отворена со полн капацитет за иницијативата на кинеската Влада за потесна соработка во економијата помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Југоисточна Европа.

На средбата премиерот Груевски ја реафирмираше отворената поволна опција на македонската Влада за изградба на технолошко индустриска развојна зона наменета само за кинески компании во нашата земја, при што детално беа презентирани предностите и условите кои се важни при одлучувањето кинеските компании своите бизниси за покривање на потребите на европскиот пазар да ги лоцираат и да инвестираат во Република Македонија.

Во однос на иницијативата на Кина за алоцирање на 10 милијарди долари средства на кинеската Влада за финансирање проекти, премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост е подготвена да учествува во неа со конкретни проекти.

Претседателот Џипинг Си истакна благодарност за посетата и посочи дека Кина останува добар пријател и партнер на Република Македонија. Потенцираше дека учеството на Република Македонија на Конференцијата за соработка помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа покажува дека постои процес на постојано унапредување на релациите меѓу двете држави, факт кој што НР Кина го вреднува.

Кинескиот Претседател го поздрави нагорниот тренд на развој на политичко економските односи помеѓу двете држави, потенцирајќи дека постои простор за понатамошно нивно интензивирање, особено во полето на економијата која е од значаен интерес на кинеската држава, чии добри економски резултати се должат на развојот на индустријата, земјоделието, технологијата и градежништвото, што во основа се полиња на интерес и на Република Македонија.

Тој позитивно ги оцени напорите и реформите на полето на економијата кои се прават во Република Македонија додавајќи дека тие се охрабрувачки и сигурно ќе привлечат внимание на глобалните кинески компании.

Претседателот Џипинг Си потенцираше дека кинеската страна со внимание ќе го разгледа предлогот за отворање на технолошко индустриска зона наменета за кинеските компании, истакнувајќи дека посетата на македонската делегација ја оправдува својата цел и говори за вистинско пријателство меѓу двете држави.

На средбата двајцата соговорници се осврнаа и на можностите за соработка во полето на туризмот, образованието и медицината.

Соговорниците разменија мислења за повеќе глобални актуелни политички прашања потенцирајќи дека економијата останува главниот предизвик кој треба да влијае на зближување и развој на државите обезбедувајќи подобар стандард и живот за граѓаните.