Кабинет за Оториноларингологија отворен во Поликлинката во Ѓорче Петров

По пауза од речиси пет години во Поликлиниката во Ѓорче Петров денеска е отворен кабинет за ОРЛ - Оториноларингологија.

Отворањето на кабинетот, како што истакна министерот за здравство Никола Тодоров, е овозможено со преминување на докторката од приватното во јавното здравство преку проектот за кој во тек е и вториот оглас за таа намена.

- Ова е нешто што недостасуваше во оваа Поликлиника по заминувањето во пензија на докторот кој тука работеше пред повеќе од четири години. Тоа значи дека пет години граѓаните на општина Ѓорче Петров и околните населени места мораа за оваа здравствена услуга да патуваат до Карпош или до Центар или, пак, да се обраќаат за ваков тип на здравствена услуга на секундарно ниво во Градската болница „8 Септември“, па дури и да го оптоваруваат и системот на терцијарно ниво, рече Тодоров.  

Во Здравствен дом Скопје, нагласи Тодоров, вкупно 13 специјалисти од приватното здравство од различни области преминале во оваа установа. Тоа, како што кажа, го зголеми обемот на услуги што ги дава Здравствениот дом и ќе овозможи граѓаните да ги добиваат услугите на специјалистичко ниво во близина на местото на живеење. Во некои поликлиники како што се во поликлиниките во Ѓорче Петров, Ченто и во Драчево ќе овозможи специјалистичките кабинети по интерна медицина да работат двосменски.

- Само во Поликлиниката Ѓорче Петров како резултат на доаѓањето на новата докторка се овзможи креирање на 970 слободни термини за 35 дена за специјалноста уво, нос и грло. Тоа ќе овозможи намалување на турканиците и времето на чекање во останатите поликлиники во Град Скопје, рече Тодоров.

Од 1 септември, додаде, ќе профункционира и кабинет за Аудиологија во Поликлиниката во Битпазар.

- Досега тоа не беше можно зашто докторите практично работеа на ротирачка основа во многу тешки услови. Имајќи предвид дека беа само еден или двајца доктори, посебно во периодите на одмори, немаше континуирана работа на оваа служба во Здравствен дом Скопје на едно место, рече Тодоров.

Директорката на Здравствен дом Скопје, д-р Татјана Баевска Вуковиќ истакна дека потребата за ОРЛ кабинет во Поликлиниката Ѓорче Петров беше голема, бидејќи, нагласи, патологијата за уво, нос и грло е една од најчестите патологии како за децата, така и за возрасните.

- Со отворањето на кабинетот постигнуваме пациентот да добие комплетна обработка и терапија во Поликлиниката, односно да ги заврши  сите услуги на едно место, најблиско до неговото место на живеење, рече Баевска Вуковиќ.

Тодоров информира дека досега во повеќе македонски градови 45 специјалисти од повеќе области од приватното здравство преминале во јавното.

- Овој проект се покажа како многу успешен. Прв пат гледаме спротивна тенденција од вообичаената досега, односно доктори од приватното здравство да преминуваат во јавното. Тоа покажува дека докторите сфаќаат оти ова е реформа која функционира и ги дава конкретните резултати, рече Тодоров, прецизирајќи дека на првиот оглас вкупно конкурирале 103 доктори. 

На вториот оглас за преминување на специјалисти од приватно во јавно здравство, кој трае до 28 август, засега аплицирале 75 специјалисти.  

Од податоците на новиот систем на електронско закажување на прегледите, како што рече Тодоров, се гледа дека 51 отсто од пациентите ја добиваат услугата истиот ден.

- Во поголем дел од земјите членки на ЕУ за прво упатување кај специјалист се чека и до три месеци, а кај нас 51 процент од граѓаните ја добиваат во истиот ден. Следните 25 проценти ја добиваат наредниот ден, а останатите во рок од два до седум дена. Цел ни е 60 отсто од граѓаните да ја добиваат услугата истиот ден, а 30 отсто да ја добиваат наредниот ден или во наредните два до три дена максимум. Тоа ќе не постави како еден од лидерите во Европа по брзина и достапност на здравствена услуга на специјалистичко ниво, рече Тодоров. 

Во Македонија, како што посочи, најдефицитарен кадар се гинеколозите и ортопедите.