Изградбата на автопатите, многу работа за домашните компании

Изградбата на новите автопати Скопје-Свети Николе-Штип и Кичево-Охрид ќе се реализира со исклучитено поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.

Тоа го соопштија попладневно на прес-конференција во Владата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорот и врски Миле Јанакиески, пренесувајќи ги одлуките од денешната седница на Владата за усвоените закони за реализација на проектите за автопатите.

Изградбата на автопатите, според Пешевски и Јанакиески, ќе придонесе за севкупниот економски развој на државата, првенствено нови работни места за македонските граѓани и многу работа за градежниот сектор во наредните четири години, период во кој ќе трае изградбата. Владата ги усвоила законите за реализација на инфраструктурните објекти за автопатските делници и предлог-договорите со градежната компанија.

Министерот Јанакиески информира дека главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 проценти од предвидените работи, а исто така и да набави најмалку 49 проценти градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата треба да ангажираат минимум 51 процент македонски државјани.

- Ова значи нови работни места за македонските граѓани и многу работа во градежниот сектор во наредните четири години, рече Јанакиески.

Со усвојувањето на законите и официјално почна процедурата за реализација на проектот за изградба на автопатите за коишто постапката почна во март минатата година на средбата на македонскиот и кинескиот премиер. Тогаш македонската Влада беше информирана дека кинеската држава има ставено на располагање 10 милијарди долари за изградба на инфраструктурни проекти во Источна и Централна Европа.

- Македонија е првата држава која што ќе успее да искористи дел од оваа кредитна линија  и целата постапка што е водена од тогаш до сега, односно траеше долго една година, е водена целосно во согласност со меѓународните договори  што ги имаме потпишано со Народна Република Кина, но истите дополнително беа засилени од наша страна со цел да се обезбеди поголема транспарентност  и поголема конкурентност во процесот со цел да дојдеме до поевтина и што поатркативна понуда за изградба на овие патиштата, рече вицепремиерот Пешевски.

Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,  а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. Во договорт има и одредба со која се предвидени десет проценти за дополнителни непредвидени работи.

Проектот, како што рече Пешевски, ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 проценти преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка.

- Условите на кредитот се навистина многу атрактивни. Се работи за кредит  со рок на враќање од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од само 2 процентни поени на годишно ниво, соопшти Пешевски.

Со изградбата на автопатите, оцени Пешевски, се дава импулс во неколку сектори пред се стимул за градежништвото што ќе биде директно вклучено во неговата реализација, но ќе значи голем импулс и за туризмот.

- Ќе овозможи полесно поврзување на целата држава, ќе значи поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до центарот на градот и до главните туристички центри пред се до Охрид и се што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура, рече Пешевски.

Според него,  со реализацијата на овие инфраструктурни проекти, но и со претходно почнатите Владата очекува државата да има уште повисоки стапки  на раст на економијата и подобар животен стандард  за граѓаните.

Министерот  Јанакиески информира дека автопатот Скопје-Штип ќе биде во должина од 53 километри со ширина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, во должина од 56,7 километри, ширина од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.

- Реализацијата на овие проекти има за цел унапредување и развој на патната инфраструктура и се едни од покрупните проекти во нашата програма, за постигнување и зголемување на стандардите во делот на патниот сообраќај и побрз и побезбеден транспорт, рече Јанакиески.

Владата, додаде, паралелено работи на изградба на автопатската делница од Коридорот 10 Демир Капија-Смоквица со финансии во износ од 220 милиони евра, а во тек е постапката за ангажирање градежна компанија за рехабилитација на патниот правец Велес-Катланово.

- Овие инвестиции заедно со изградбата на обиколницата, и на патниот правец Табановце-Куманово, ја покажува заложбата на Владата за подобрување на патната инфраструктура, посочи министерот за транспорт Миле Јанакиески.