Програмата е-Влада отворена за приватниот сектор

Приватниот сектор да ги искористи можностите со отворањето на  податоците од институциите  и да изработат нови апликации и сервиси со коишто ќе отворат нов бизнис модел, а економијата ќе има нова додадена вредност, апелира министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Во обраќање на дводневната Конференција за програмата е-Влада, што се одржува од денеска во Скопје, Ивановски информира дека минатата недела  заврши набавката за системот за отворени податоци, со којшто за почеток ќе се поврзат пет институции што своите податоци  што ги имаат во дигитална форма ќе ги направат достапни 24 часа дневно за компаниите. 

- Тоа значи дека фирмите ќе може да се поврзат на овие системи и да  изградат мобилни и веб апликации и какви било други услуги за граѓаните, укажа Ивановски.

И покрај апелот што веќе три години го упатувал до приватниот сектор да достави апликации за интерес за јавно-приватно приватно партнерство, според Ивановски, се уште не е пристигната ниту една понуда.  Со приватното партнерство доколку би сакале компаниите да инвестираат услугите  што институцијата не е подготвена да ги понуди електронски за граѓаните, ќе ги понуди приватникот со соодветен бизнис модел.

Ивановски сепак е убеден дека приватниот сектор има капацитет за вклучување во сите активности, но, укажа, непоходно е, динамично менување на бизнис моделот и навиката на македонскиот приватен сектор од минатото.

- Најмногу интерес гледаме од студентите и од старт ап компаниите коишто можеби се многу поискрени во ризикот што сакаат да го преземат со искористување на овие отворени податоци, нагласи Ивановски.

Според Слаѓан Михајловски, претседател на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ, домашните фирми се способни да изработат софтвери за размена на податоци и да завршат каква било работа, но проблем е ограничувањето од Законот за заштита на лични податоци.

- Компаниите имаат капацитет за вклучување, но веројатно недостасува комуникација со самите институции и достапноста до  податоците, а секако проблем претставува и Законот за заштита на личните податоци бидејќи практично има инволвирање на лични податоци со сите бази на податоци што им се потребни на граѓаните. Со тоа на некој начин се ограничува можноста за услуги кон граѓаните, но постојат и услуги каде не се потребни такви податоци, рече Михајловски.

Ален Дукас, експерт од француското Министерство за информатичко општество вклучен во примената на програмата е-Влада во Македонија, истакна дека не е важно проектот да функционира само во рамки на министерствата, туку да се напрви применлив и достапен и до граѓаните и компаниите.

За спроведување на проектот, како што рече, не е доволен краток период од само една година. Во Франција  тој проект се одржува веќе 20 години со оглед на тоа дека технологијата постојано се развива. Секоја петта година  во Франција се носи нова директива и работиме на различни теми што се актуелни во моментот, изјави Дукас.

Програмата е-Влада претставува концепт на крупна реформа на администрацијата преку употреба на информациски и комуникациски технологии. Целта е воведување поквалитетни административни услуги и излегување во пресрет на потребите на граѓаните и на деловните субјекти.  Во Македонија во изминатиот период  се реализирани повеќе проекти во таа област, како што  се системот за интероперабилност, документ менаџмент системот, голем број електронски услуги достапни за граѓаните и компаниите, како електронски даноци, електронски јавни набавки, електронска регистрација на компании, електробнски катастар, електронското аплицирање во администрацијата и електронскиот потпис.

Конференцијата е-Влада е организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација, француската Амбасада во Македонија, Агенцијата за меѓународна техничка соработка на француските министерства-АДЕТЕФ и Француската агенција за промоција на извозот-UBIFRANCE.  Конференцијата е можност за споделување искуства на француски и македонските компании од ИКТ индустријата во делот на градење и развојот на „Е - Влада услуги и решенија“.

Со поддршка на проектот на УСАИД за унапредување на инвестирањето и извозот, за компаниите-учеснички на конференцијата ќе бидат организирани деловни средби со цел воспоставување потенцијална соработка помеѓу македонските, компаниите од регионот и Западна Европа. Дополнително, на конференцијата ќе биде организирана и панел дискусија за асоцијациите од регионот кои ќе дискутираат за извоз на софтвер и ИТ услуги.