Груевски: Очекуваме германски и австриски инвестиции

Премиерот Никола Груевски и владиниот економски тим го завршија роуд шоуто во Австрија и Германија. Задоволни од презентациите и поединечните средби одржани во Виена, Михен и Дизелдорф. Очекуваат дел од компаниите со кои се сретнаа во наредната година да почнат реализација на своите инвестиции во Македонија.

- Интересот во трите градови беше значаен, некаде повеќе, некаде помалку, меѓутоа секаде имаше интерес. Поважно е што ова патување го искористивме да направиме и поединечни средби со многу компании кои, за жал, не можеме да ги објавиме од бизнис етика и оти тоа би требало да го направат кога ќе почувствуваат дека е потребно, изјави премиерот Никола Груевски по завршувањето на посетата на Германија.

Тој истакна дека следната година очекува инвестиции во Македонија, одење напред и резултати од овие посети. - Во последните месеци имаме засилено доаѓање на странски компании во Македонија, што е резултат од нашите напори направени петходно. Она што малку не плаши во иднина што може да ги забави инвеститорите во нивните намери да инвестираат или да забави нашиот раст е должничката криза во Европа, не од аспект дека ние имаме преголем долг, бидејќи тој е 26,3 процент од БДП, туку од аспект што самата Европа се наоѓа во потешкотии, што е еден од ризиците и во минатото, за време на светската криза и во иднина, нагласи премиерот Груевски.

Според него, нема други крупни проблеми зашто, како што рече, компаниите гледаат бизнис интерес таму каде што им е добро за правење бизнис. - Меѓутоа, кога се влегува во периоди на рецесија, честопати компаниите го преиспитуваат својот влез од аспект дали ќе имаат доволно нарачки и дали ќе им треба нова фабрика која претходно им требала, рече премиерот Груевски.

Тој укажа на фактот дека и во Австрија и во Германија разговарале со претставници на неколку компании и тоа многу конкретно, дури и со одредени рокови. - Станува збор за компании кои подолг период вршат истражување на пазарот и сега веќе имаме конкретни разговори околу која локација би ја избрале, под кои услови би влегле и слично. Така што би можел да кажам дека најмалку пет-шест компании имав можност да сретнам и да разговарам околу многу аспекти околу нивното влегување, изјави премиерот.

Тој посочи дека не е важно дали компаниите кои ќе инвестираат се мали или големи, туку дека е важно да отворат нови работни места.

Посетата на Австрија и Германија премиерот Груевски ја оцени како успешна, брза, кратка и ефикасна, од која во Македонија се враќа задоволен. Потеницра дека Владата има зацртано програма и има ветено дека повремено ќе прави вакви роуд шоуа презентирајќи ги можностите за бизнис во Македонија и оти тоа ќе го продолжи и во иднина.