Средба Груевски - Макино

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска(понеделник, 10.02.2014 година) оствари средба со парламентарниот заменик министерот за надворешни работи на Јапонија, г-дин Такао Макино.

Соговорниците ги поздравија односите кои постојат меѓу двете земји и изразија задоволство од трендот на нивното постојано унапредување кое се реализира и преку дијалог на високо ниво.

На средбата беше позитивно оценета соработката и на билатерален план, и на мултилатерален план во рамките на Обединетите Нации.

Двете страни ја истакнаа значајноста за унапредување на економската соработка, особено на полето на инвестициите, при што премиерот Груевски ги претстави поволностите и предностите кои нашата земја ги овозможува на странските инвеститори за отворање на бизнис и нови работни места во Република Македонија.

Премиерот Груевски и заменик министерот Макино дадоа позитивна оценка за досегашната соработка на проектите кои се реализираат во нашата земја, а во кои учествува и јапонската влада, при што беше разговарано и за можностите за воспоставување на дополнителна соработка во оваа насока и на други проекти.

Стана збор и за соработката во областа на образованието при што беше разговарано за искористувањето на јапонските стипендии за студии на македонски студенти во Јапонија, и македонските стипендии за студии на јапонски студенти на Универзитетот „Свети Апостол Павле“.

Двајцата соговорници ја нагласија посветеноста и заедничките заложби за понатамошно унапредување на соработката во сите полиња од взаемен интерес.