МОН го претстави новиот систем „Видео агрегатор“

Министерството за образование и наука денеска го претстави новиот систем „Видео агрегатор“ кој ќе овозможи збогатување на електронските содржини со видеа кои ќе бидат достапни за изведување настава низ целата држава.

Се очекува системот да придонесе за олеснување на начинот на предавање на новите лекции, како и брза и ефикасна достапност до ризницата на нагледни средства. Неговото користење на www.eduvideo.mon.gov.mk е неограничено.

- Идејата на самиот систем е да им овозможи на наставниците кои користат едукативни видеа да може да ги постираат на едно место, односно на овој софтвер, од каде ќе бидат достапни за сите ученици. Видеата се поделени по одделенија и наставни планови и секој ученик ќе може директно да пристапи на овој систем, рече на денешната прес-конференција ресорниот министер Панче Кралев.

Секој наставник кој има добиено лозинки од страна на системот за користење на е-дневникот, информираше министерот, може да пријавува видеа на агрегаторот.

- Откако видеото ќе биде пријавено, тоа е евалуирано од страна на Комисија составена од членови од Бирото за развој на образование и МОН и доколку е одобрено ќе може да се користи од страна на сите ученици. Самиот систем не навлегува во авторските права, бидејќи функционира на основа на линкови, додаде Кралев.

Потенцираше дека од денеска ќе биде објавен еден вид конкурс преку кој првите 20 наставници кои ќе објават над 10 линкови на софтверот ќе добијат сертификати од МОН за нивниот придонес во развојот на образованието.