Од петок почнува примената на Законот за стечајци

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов најави дека законот за материјално обезбедување на невработените лица по основ на стечај, ликвидација и технолошки вишок со кој што практично се прошири периодот на опфат на невработените лица ќе почне да се применува од петок.

- Сите оние кои останале без работа во периодот од 2000 година до 31 декември 2013 година, а имаат работен стаж повеќе од 25 години и работеле во претпријатија во доминантна сопственост на државата имаат право веќе од петок и во наредните 30 дена да поднесат барање до Агенцијата за вработување на Република Македонија и да добијат материјално обезбедување во износ од 7.100 денари и плус здравствено осигурување, изјави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на реновираниот дом за стари лица во Маџари.

Министерот Спасов посочи дека очекува со овој закон да се опфатат околу 3.000 невработени граѓани односно стечајци или пак невработени по основ на технолошки вишок и ликвидација.