Почна реконструкцијата на пругата Куманово-Бељаковце

Од Клечовскиот мост, Кумановско, почнаа активностите за реализирање на проектот „Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце“. Денеска беше поставен камен-темелникот на правата фаза од проектот, со вкупна инвестиција преку 50 милиони евра.

Железничката делница од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри и претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до границата со Република Бугарија.

Премиерот Груевски истакна дека проектот предвидува целосна реконструкција на постојната пруга во должина од околу 31 километар, изградба на три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, изградба на мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално сигурносни уреди.

-Вкупната инвесиција за делницата Куманово-Бељаковце, изнесува преку 50 милиони евра, а градежните активности се очекува да завршат кон средината на 2016 година, рече премиерот.

Проектот за железничко поврзување помеѓу Република Македонија и Република Бугарија преставува проект за кој долги години наназад се зборува, додаде тој. - И не само што се зборува, туку дел од активностите се започнати, уште во 90-те години, но поради неодговорност и несериозност на претходната владејачка гарнитура, проектот беше прекинат во 2004. Парите беа потрошени, проектот не се реализираше, а поради несериозниот пристап на тогашната Влада, Македонија имаше штета од преку 20 милиони евра по основ за судски спорови и оштетени побарувања од градежните фирми кои работеле на проектот, рече Груевски.

Премиерот потсети дека најголемиот дел од пругите во Македонија се направени пред повеќе од сто години за време на отоманската империја. Како на пример, посочи Груевски, железничката пруга Скопје - Гевгелија е изградена 1873 година, а железничката пруга од Скопје до Табановце во 1887. Од тогаш па наваму многу малку е инвестирано во изградбата и рехабилитацијата на железничката инфратсруктура во државата.

Премиерот потенцираше дека оваа влада во 2007 издвои средства за ремонт на пругата Илинден и делницата Кадина река-Рајко Жинзифов, а во 2009 е извршен ремонт на пругата Неготино-Дуброво. Лани Владата инвестирала околу 17 милиони евра за ремонт на делниците Табановце-Куманово и Миравци - Смоквица. Оваа година се очекува завршување на ремонтот Ногаевци-Неготино. Информираше дека се работи на проектот за реконструкција на пругата Битола-Кремениа, чија вредност изнесува 20 милиони евра, рехабилитација и надградба на железничката станица во Скопје, но и на останатите станици на Коридорот 10, а ќе следи проект за обнова на возниот парк со набавка на патнички и товарни  вагони. Груевски најави дека најголемите проекти ќе следуваат во следните неколку години, со изградба на оваа пруга кон Бугарија, како и со изградбата на пругата кон Албанија, што заеднички ќе преставуваат инвестиција од милијарда евра.

-Ако се земат во предвид и другите проекти кои ги реализиравме, кои се во фаза на реализација или кои ќе се работат во следните неколку години, сумата за инвестиции во железничката инфраструктура се приближува кон 1,5 милијарда евра. Една милијарда евра инвестиции во македонските патишта и една и пол милијарда евра инвестиции во македонските железници, рече Груевски.

Премиерот очекува дека овие инвестиции ќе донесат инфраструктурна поврзаност и забрзан економскиот развој на долг рок. Бенефит, според Груевски, ќе имаат индустријата, градежништвото, компаниите... со што ќе се овозможи отварање нови работни места.

Вицепремиерот Зоран Ставрески посочи дека на овој проект му претходела изработка на сеопфатна проектна документација и преговори со меѓународните финансиски институции. Според Ставрески целосно е озбезбедена финансиската конструкција за целиот проект, кој ќе чини околу 600 милиони евра.

- Првата фаза ја започнуваме со 46 милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој, меѓутоа имаме обезбедено средства за целата пруга кон Бугарија. Втората фаза што на неодманешните разговори во Лондон ги имавме на највисоко ниво со премиерот Груевски и раководството на Европската банка, добивме одговор дека ЕБРД одобрило 145 милиони евра и последната фаза, третата и најскапа фаза Крива Паланка до границата со Бугарија ќе биде целосно заокружена со средствата од Европската Инвестциона Банка, Европската банка за обнова и развој и се надеваме со ИПА средствата од ЕУ, рече Ставрески.

Според вицепремиерот овој проект првично ќе овозможи поврзување со Бугарија со која рече дека имаме добри политички и економски односи. На компаниите и на граѓаните во иднина  ќе им овозможи  пристап и до пристаништето до Варна, намалување на трошоци за транспорт, поттик за раст на македонската економија, ангажирање на македонските градежни фирми и работници.

Министерот за траснпорт и врски,Миле Јанакиевски нагласи дека оваа пруга ќе биде изградена со согласно европските стандарди.

-Досегашните анализи покажуваат дека изградбата на источниот дел  од Коридорот 8, односно врската од Куманово до границата со Бугарија ќе придонесат кон зголемување на бројката на патници, но уште поважно се очекува зголемување на товарниот сообраќај од 67.000 тони на милион 789.000 тони во двата правци по воспоставување на пругата кон Бугарија.Три пати повеќе се очекува да се зголеми размената на стока со Бугарија, рече Јанакиевски.

Бугарскиот министер за транспорт и информатичко поврзување Данаил Стојанов Папазов истакна дека трасата на Коридорот 8 која минува низ Република Бугарија е приоритетен европски проект, дел од трансевропката транспортна мрежа која дава можност за искористување на средствата од европските фондови за развој на железничката мрежа.