Средба на премиерот Груевски со премиерот на Јапонија, Јошихико Нода

С О О П Ш Т Е Н И Е

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 30 ноември 2011 година) во Токио оствари средба со премиерот на Јапонија, г-дин Јошихико Нода, на која се разговараше за продлабочување на билатералните и мултилатералните односи и аспекти на соработка на повеќе полиња помеѓу двете пријателски земји.

Двајцата соговорници изразија задоволство што за прв пат од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји во 1994 година, премиер на Република Македонија доаѓа во посета на пријателска Јапонија.

На средбата, исто така, беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете земји кои ги карактеризира пријателство и меѓусебно разбирање и притоа се нагласи дека постои огромен, неискористен потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, а особено во економската сфера.  

Премиерот Груевски уште еднаш изрази сочувство до јапонскиот народ за големиот број на загубени животи и огромната материјална штета од природната катастрофа што ја погоди Јапонија во март 2011 година, како и од проблемите кои се јавија во нуклеарната централа Фукушима, при што укажа дека македонската Влада, како гест на солидарност со трагедијата што и се случи на пријателска Јапонија и во рамките на своите можности, се вклучи во хуманитарните напори на меѓународната заедница за поддршка на Јапонија.

На средбата беше истакната потребата од фокусирање на развојот на односите на економската соработка, јакнење на трговската размена и иницирање и зголемување на јапонските инвестиции во Македонија и во тој контекст го информираше премиерот Нода дека во рамките на посетата се организирани два бизнис-форуми, во Токио и Осака, при што истакна дека реформите што ги спроведува Владата на Република Македонија во повеќе сфери, како и поволностите и компаративните предности кои што ги нуди македонската економија, ќе ги поттикнат јапонските бизнисмени да ја искористат Република Македонија како порта за водење на нивниот бизнис во европски рамки.

Во контекст на значењето што Република Македонија го придава на унапредувањето на севкупните односи и соработката со Јапонија, премиерот Груевски го информираше премиерот Нода дека македонската Влада има донесено одлука на крајот на 2012 година да биде отворена Амбасада на Република Македонија во Јапонија, при што го пренесе интересот на македонската Влада за реципрочно отворање на Амбасада на Јапонија во Скопје во блиска иднина.

На средбата премиерот Груевски го информираше својот соговорник за реформските процеси што ги презема македонската Влада и за стратешките приоритети во надворешната политика на Република Македонија за интеграција во НАТО и ЕУ. Во тој контекст, премиерот Груевски истакна дека единствена пречка во европските и евроатлантските интеграции е наметнатиот спор за уставното име на Република Македонија и блокадата од страна на нашиот јужен сосед, за што Република Македонија поведе спор пред Меѓународниот суд на правдата чија што одлука се очекува да се објави на 5 декември, при што ја посочи македонската посветеност за изнаоѓање решение за овој проблем во рамките на процесот што се води во ООН.

Премиерот Груевски изрази благодарност за досегашната финансиска и техничка поддршка од Јапонија, реализирана меѓу другото и преку активностите на Јапонската агенција за меѓународна соработка во Република Македонија. Притоа, беше истакната успешната реализација на повеќенаменскиот хидро-проект “Злетовица”, кој беше финансиран од јапонска страна, а воедно ја пренесе подготвеноста на Владата на Република Македонија за натамошни меѓусебни консултации за согледување на можностите за започнување нови инфраструктурни проекти кои ќе придонесат за ублажување на климатските промени и заштита на животната средина, преку искористување на поволните услови за финансирање од страна на Јапонската агенција за меѓународна соработка.

Премиерот Груевски го извести премиерот Нода дека во последните неколку години е зголемен бројот на туристи од азиските земји, при што изрази надеж дека по пуштањето во употреба на реновираниот аеродром во Скопје ќе се зголеми бројот и на јапонските туристи кои секогаш се добредојдени во Македонија.

Во функција на унапредување на односите меѓу двете држави и олеснување на соработката во економијата, премиерот Груевски го изнесе интересот на македонската страна за зајакнување на правната рамка, особено во доменот на взаемна заштита на инвестициите и на одбегнување на двојното оданочување, а во некоја подоцнежна фаза и преку склучување спогодба за слободна трговија. Во овој контекст беше истакнато дека постои потреба и за зајакнување на правната рамка во доменот на полициската соработка, царината, културата, како и образованието, особено во однос на интересот за зголемување на бројот на стипендии за македонски студенти за усовршување или постдипломски студии на државните универзитети во Јапонија.

Во доменот на мултилатералните односи двајцата премиери изразија задоволство од досегашната успешна соработка на ниво на ООН и воедно ја реафирмираа подготвеноста за нејзино продлабочување во наредниот период. 

На средбата се заклучи дека оваа посета на Јапонија дава голем оптимизам за текот на идната соработка меѓу двете пријателски земји, особено во економската сфера, а со цел продолжување на политичкиот дијалог на високо ниво премиерот Груевски упати и официјална покана до премиерот Нода за возвратна посета на Република Македонија.